„Мама миа!“ – еден од најпопуларните мјузикли во светот во Скопје!

Светски популарниот и мега успешен современ мјузикл „Мама миа!“ наскоро за првпат ќе биде прикажан пред македонската публика и тоа во изведба на единствениот специјализиран музички театар во регионов, реномираното белградско „Позориште на Теразијама“! Македонската публика ќе има можност премиерно да го погледне мјузиклот „Мама миа“ на 11 март во Скопје!

Мјузиклот „Мама Миа“ е еден од најпознатите наслови на џубокс мјузикл жанрот, на кој сите нумери се најголемите хитови на шведската група „АББА“, а од светската премиера во Лондон, овој мјузикл досега е изведуван во 40 земји, го погледнале 50 милиони луѓе и доживеа и успешна екранизација.

Тој во моментов е најгледаниот мјузикл на светот! Гордите автори, Бени Андерсон (Benny Andresson) и Бјерн Улвеус (Björn Ulvaeus) заедно со Стиг Андерсон (Stig Anderson) и една од најдобрите британски драматурзи Кетрин Џонсон (Catherine Johnson) освоија многу светски театарски сцени меѓу кои и „Бродвеј“, а за ова дело се вели дека ширум светот во секој момент се изведуваат најмалку четириесет различни јазични верзии на оригиналното сценарио.

Една од причините за огромниот успех на мјузиклот „Мама миа!“ е секако популарноста на групата „АББА“. Музиката на оваа група ги плени фановите уште од евровизиската победа во 1974 година. Но „Мама миа!“ не е првиот мјузикл кој ја користи популарната музика. Зад секој успешен проект „стои“ весела, тажна, драматична, сентиментална… на крајот на краиштата, добро раскажана приказна. Ако неа ја нема, нема ниту претстава, дури и кога е во прашање танцов проект.

Добитната комбинација е родена со спојување на музичката група „АББА“ и приказната за немирната Софи и нејзината потрага за идентитет, за Дона која трага по изгубената љубов и мажите на нејзиниот живот.

Белградскиот театар „Позориште на Теразијама“ одлучи да провери како Белград и Србија воопшто, ќе ја прифатат оваа приказна која постигна толку добри резултати во светот, потпирајќи се исклучиво на сопствените сили што се однесува на актерите, балетот, оркестарот, хорот и целокупниот тим на „Позориште на Теразијама“, кои ќе имаме единствена пригода да ги погледнеме и во Скопје.
Копродуцент на овој мјузикл е познатиот екс-ју скијач и олимпиец Јуре Франко, кој чекаше дури шест години за добивање на лиценцата за територијата на поранешната држава.

По Белград, „Мама миа!“ доби свои верзии во Загреб и Љубљана, а конечно за првпат доаѓа и пред македонската публика.