Мали работи кои ќе ви го разубават секој ден

Влегуваме во новата година со нови цели и идеи, но некои работи се исти.

Photo by Sixteen Miles Out on Unsplash

Тоа е така бидејќи не можеме да очекуваме дека магично новата година ќе ги промени нашите животи, туку важно е и самите да се потрудиме. 

Што можеме да направиме за себе за да го разубавиме секој ден и да живееме подобро?

Време за себе (дури и кога ви изгледа дека немате време)

Навистина е тешко да најдеме време за себе кога ќе се насоберат обврските. Но, времето за себе е важно за да можеме да собереме сила, енергија и инспирација. Не велиме дека морате да најдете три часа во текот на денот (ако ги немате), но имајте на ум дека она што го правите за себе е важно, без оглед на тоа колку трае. За некои луѓе, тоа е топла бања, за други прошетка во природа, за трети, читање на нивната омилена книга. Потрудете се да бидете доследни во ваквата навика и за некое време ќе забележите како тоа значително го подобрува вашето секојдневие.

Организација и оптимизација

Добро е да го започнете денот или неделата со оние обврски кои чекаат на вас. Тоа не само што ќе ви помогне да бидете доследни на себе, туку и да го намалите стресот со тоа што ќе бидете организирани. Распоредете ги своите обврски во деновите во неделата, а некогаш и делегирајте ги на некој друг ако е тоа можно. Не морате сите работи да ги преземате како свој товар. 

Мудро користете го својот телефон

Не можеме да побегнеме од технологогијата и тоа е во ред, не можеме ниту да се обидуваме. Но, она што можеме да направиме е да бидеме паметни во однос на времето кое го поминуваме на телефон. Какви содржини следиме? Дали учиме нешто? Каква енергија добиваме од времето поминато на телефон? Дали го споредуваме својот живот со другите луѓе? Ова се прашања кои не само што ќе ни дадат важни одговори, но и ќе ни помогнат да одредиме како и колку време минуваме на својот телефон.

Минувајте време во природа

Да, навистина е тешко да излеземе надвор во време на загаден воздух и ниски температури, но во близина имаме неколку места кои не се толку загадени и каде можеме да дишеме свеж воздух. Искористете го слободното време за прошетка, за разбистрување на мислите или пак само уживање во природата. Не морате да патувате далеку, само неколку минути се доволни.