„Макфест“ со интересни изведувачи на првата фестивалска вечер

Со кревање на макфестовското знаме и официнално почна 37.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.

На првата фестивалска вечер која се одржа вчеравечер публиката уживаше во 12 композиции.

-Општина Штип како организатор и покровител на „Макфест“ оваа година навремено и во целост ги заврши подготовки за почеток на истиот. Со задоволство ве известуваме дека очекуваме многу нови хитови, истакна Арсовска, од општина Штип. 

Новиот концепт не ги вклучува стандардните награди, со што Фестивалот нема да биде од натпреварувачки карактер, туку ќе има за цел да произведе квалитетни мелодии кои ќе останат запаметени и слушани.

Уметничкиот директор, Роберт Саздов, најавува успешно 37. издание, а како што вели со нова димензија.

-Би сакал да ја пофалам организацијата. Не сум бил на сите 37 изданија, меѓутоа ова што сега го гледаме навистина е феноменално. Се’ функционира какој швајцарски часовник. Што се однесува до уметничкиот дел, ние едногласно се одлучивме за еден концепт, којшто ќе го направи ова издание посебно. Ние го носиме новиот сјај, не го враќаме стариот, стариот останува во историјата, нашата идеја и реализација е за една нова димензија и тоа не водеше, вели Саздов.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов потсети дека на Фестивалот ќе има различна музика за сечиј вкус, па затоа нема да биде трка за награди, туку промоција на добра музика.

-Се е подготвено за Штип наредните два дена да биде епицентарот на македонската забавна музика. Штип ќе пулсира во знакот на „Макфест“. Она коешто на мое огромно задоволство ќе се случува е нов концепт, коешто ќе го одбележи новото време. Мелодиите ќе дадат една вредност во забавната музика во Македонија. Сето она што го припремавме сега нашите сограѓани и гостите ќе имаат можност да го слушнат во Штип“, истакна Јорданов.

„Макфест“ е финансиран со шест милиони денари од Општина Штип и спонзори, поддржувачи и пријатели. Општината нема да претрпи финансиски загуби, тврди градоначалникот, а средствата се доволни за достојно одржување на Фестивалот.