Македонски семејства успиени и ограбени во Грција, меѓу нив и познат пејач

Наместо да уживаат во мир и релаксација на одморот во Неа Врасна во Грција, музичарот Живко Динев и неговата сопруга, како и уште четири македонски семејства утрово доживеале вистинска драма.

Имено, кога се разбудиле сфатиле дека биле ограбени, односно им биле одземени само парите. Живко Динев бил олесенет за 600 евра, додека другите по 200 евра.

-Во вилата бевме сместени во сопствена режија, односно не дојдовме преку некоја агенција, ниту пак имаме склучено некаков договор. Наши пријатели беа на летување во друга вила, во соседството, и тие ни резервираа соба во Ангелика. Кражбата многу не вознемири, посебно поради начинот на кој се случи. Ние спиевме со заклучена врата. Значи, во сите четири соби во вилата крадците оперирале на ист начин. Во разговор со полицијата дознавме дека ни прснале некаков спреј под вратата, некое средство кое што прави да паднеш во длабок сон, па затоа сите уште поцврсто сме заспале и не почувствувавме кога влегле. Полицијата ни потврди дека и во минатото крадци правеле вака, влегувале во соби и краделе на ист начин. Не слушнавме апсолутно ништо, додека ние омамени спиевме, тие претурале, ни ги нашле и ни ги одзеле парите. Кога станавме утринава сите се чувствувавме како дрогирани, нервозни – раскажуваат Диневи за Фокус.мк