Македонски и француски филмови во Кинотека за крајот на јануари

Кинотечната програма за крајот на јануари за филмофилите нуди два македонски играни филма од најновата продукција, како и еден српски наслов со малцинско македонско продукциско учество. Исто така, во редовна соработка со Францускиот институт од Скопје, во јануари ќе биде прикажан филмот „Презир“ на Жан-Лук Годар, еден од највлијателните светски кинематографери, кој неодамна „замина“ на Елисејските полиња.

Станува збор за дебитантскиот игран долгометражен филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески, со Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев во главните улоги. Филмот на Ристески имаше светска премиера на „Слемденс“ во САД, еден од највлијателните фестивали на независниот филм, а со неговата македонска премиера се затвори минатогодишното, 43-то издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Петтиот игран наслов на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“, чиј косценарист е Елма Татарагиќ, имаше светска премиера во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на венециското Биенале, а потоа учествуваше на десеттина фестивали ширум светот.

Новиот филм на Митевска, со Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска, Ксенија Маринковиќ во главните улоги, беше и македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм.

„Од рајот“ (Nebesa) е новиот наслов на сценаристот и режисер Срѓан Драгојевиќ. Во неговата сторија составена од три приказни за трите божји чуда играат Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ и Бојан Навојец. Филмот премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на фестивалите во Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија... „Од  рајот“ беше дел од официјалната програма 43. ИФФК „Браќа Манаки“ – 2022 во Битола. Директор на фотографијата е Душан Јоксимовиќ, редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ.

Филмот „Презир“ на француската филмска икона Жан-Лук Годар е снимен 1963 година. Сценариото е на Алберто Моравија и Годар, а главните улоги ги толкуваат Брижит Бардо, Џек Паланс и Мишел Пиколи.

Филмовите се на програмата на Кинотека од 23 до 31 јануари. Билетите чинат 100 денари.