Македонија ќе добие европска железница - сон или реалност?

Пред еден ипол век, односно на 9 април 1873 година првиот воз од Солун стигна во Велес и така почна историјата на железничкиот сообраќај во Македонија, кој во изминатите години се соочува со сериозни проблеми, иако сè почести се најавите за модернизација на македонската железница.

На почетокот на месец април штрајкуваа и машиновозачите и машинскиот персонал, кој ја немаше добиено втората половина од февруарската плата, а со идентични проблеми македонската железница се соочуваше и во изминатите години.

Тоа не е единствениот проблем на македонските железници бидејќи пред неколку недели беше ограничена брзината на возовите на релација Скопје-Велес и обратно на 20 километри на час, па поради тоа се патува два часа.

-Оваа одлука доаѓа поради безбедноста и сигурноста на патниците во железничкиот сообраќај, на делницата Скопје – Велес. Имаме и железнички прагови кои се постари од 50 години и не се променети. Тоа бара целосна рехабилитација на пругата, која бара квалитетни изведувачи. Владата подготвува програма, поголема инвестиција за рехабилитација на пругата, кажа Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, Хари Локвенец.

Треба да се спомене и случајот на патничкиот воз кој тргна од Скопје кон Битола на 20 ноември, а на крајната дестинација стигна дури по 10 часа. Причината за тоа била расипана локомотива на товарен воз во близина на село Слепче, поради што пругата била блокирана и затоа патниците морале дополнително да чекаат, а ова не е единствен пат да патуваат повеќе часови од очекуваното до некоја дестинација.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи на одбележувањето на 150 години од основањето на македонски железници вети дека во следните 10 години ќе добиеме европска железница и напомена дека само за изградба на пругата кон Бугарија се инвестираат 600 милиони евра.

Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура вети дека во мај ќе се објави јавен повик за избор на изведувач на третата фаза од пругата кон Бугарија, односно за изведба на најтешката фаза меѓу Крива Паланка и граничниот премин Деве Баир.

Локвенец, исто така, во изминатите денови зборуваше за поврзување на аеродромите во Македонија со пруга со што би се олеснил пристапот на патниците.

-Останува уште мал дел кој треба да се изгради за поврзување со Коридорот 8 на потегот меѓу Кичево и Требеништа. И последно е поврзувањето на скопскиот аеродром. Проектираната динамика за завршување на источното крило на Коридорот 8 е крајот на 2027 година, кажа Локвенец.

Меѓутоа, и покрај најавите за подобри времиња за македонската железница, таа се соочува со милионски долгови поради кои неколку дена остана и без струја годинава, а треба да се спомене и дека Македонија е меѓународно железнички изолирана, односно нема ниту еден патнички воз кој сообраќа со соседството.

Граѓаните се присетуваат како со возови патувале во минатото и до соседството, па се надеваат дека повторно би имале таква шанса во иднина, а времето ќе покаже дали ќе се остварат ветувањата на политичарите дека Македонија ќе добие модерна и европска железница или тоа ќе остане само сон.