Македонија доби „Фестивал на ракијата“

Германија го има „Окотоберфест“ како фестивал на пивото, Франција и Италија го слават вкусот на виното, а ние за прв пат имаме Фестивал на ракија. Каде - ако не во Кавадарци! 

Фестивал на ракија од вчера за првпат се одржува во дворот на Винскиот музеј во Кавадарци во организација на здружението „Ж’та".

На фестивалот се претставуваат производители од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион, но и од други места.

„Чауш” е жолта ракија произведена во домашни услови и за сопствени потреби од страна на семејството Делови од кавадаречко Марена.

Тие велат дека имаат долгогодишна традиција, а го именувале својот производ по прадедото кој исто така бил производител на ракија. Сеуште ги користат неговите тајни при производството.

Семејството Сотировски од Неготино е во процедура на регистрирање на сопственото производство на жолта ракија.

Во изјава за МИА велат дека отсекогаш произведувале ракија, но поинтензивно во последните 12 години.

-Синот заврши енологија и сега е на магистратура. Значи сериозно ја продолжуваме долгогодишната традиција, произведуваме по старите адети на прадедо, дедо…, изјави Андон Сотировски.

Семејството на Златко Ѓорѓиев од неготинско Тимјаник веќе има регистрирано семејна винарија, а планираат да го регистрираат и производството на ракија. Отсекогаш произведувале производи од грозје. Синот исто така е при крај со изучување на енолошките науки.

– Обработуваме педесетина декари под лозов насад. Лозаровинарството е нашата судбина. Деновиве добивме и грант од државата од десет илјади евра за нашата семејна винарија, рече Ѓорѓиев. Од Винскиот музеј велат дека ќе продолжат да ги поддржуваат настаните посветени на производите од грозје и лозаровинарскиот туризам.