Македонија денеска е обвиена во црно - пораки за сочувство упатуваат од сите страни

Се случи страшна трагедија ноќеска во Бугарија. Во автобуска несреќа загинаа македонски државјани, меѓу кои повеќе деца и млади, а има и неколку повредени.

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за здравство Филипче и со министерот за надворешни работи Османи заминаа во Софија, за да ги посетат повредените и да дознаат повеќе за несреќата и причините за истата.

Пораки за сочувство за големата трагедија пристигнуваат од сите страни. 

-Упатувам мое искрено сочувство до семејствата на починатите и им посакувам брзо закрепнување на повредените. Штом добиеме повеќе информации и штом осигураме како можеме да бидеме од помош на преживеаните, ќе следат соодветни институционални активности и дополнителни информации за јавноста, сподели Заев. 

Претседателот Стево Пендаровски изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во сообраќајната несреќа што се случи ноќеска во Бугарија.

-Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија, напиша Пендаровски на својот фејсбук профил.

Тој очекува надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која, како што наведува, не се памти во нашата понова историја.

-Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените, пишува Пендаровски. 

-Македонија денеска е обвиена во црно. Тага и неверување за несреќата што се случи утрово во Бугарија. Нема зборови кои можат да го опишат чувството на болка и тага. Сочувство до семејствата на загинатите во трагичната автобуска несреќа, вели во својата порака градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. 

И бугарскиот претседател Румен Радев изрази сочувство до претседателот Стево Пендаровски за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која автобус регистриран во Република Северна Македонија доживеа сообраќајна несреќа при што загинаа 46 лица.

– Во име на бугарскиот народ и во свое име, претседателот Румен Радев изрази искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите граѓани на Република Северна Македонија, како и надеж за брзо закрепнување на жртвите од катастрофата. Во ова тешко време, Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји, наведува Румен Радев. 

И еврокомесарот за проширување изрази сочувство преку Твитер за автобуската несреќа во која загинаа најмалку 46 лица на автопатот Струма.

-Ужасни вести за трагичната автобуска несреќа во Бугарија рано утрината. Моите мисли и сочувство се со семејствата и пријателите на загинатите како и со луѓето и властите на Северна Македонија. Им посакувам брзо заздравување на повредените, напиша Оливер Вархеји на Твитер.