За време на меѓународен лет кон Загреб се случил непријатен инцидент, по што 61-годишен државјанин на Македонија бил уапсен под сомнение за сексуално вознемирување на 15-годишна девојка, објавува „Јутарњи лист“.

Photo by Suhyeon Choi on Unsplash
Девојката патувала сама. Според информациите, за време на летот дискретно ѝ се обратила на стјуардесата и ѝ го покажала екранот од својот мобилен телефон.
На телефонот напишала: „Многу се плашам од овој човек, можете ли некако да ми помогнете?“
Стјуардесата реагирала смирено, обидувајќи се да не предизвика сомнеж кај патникот. Ѝ кажала на девојката дека ќе ѝ покаже каде се наоѓа тоалетот, но наместо тоа ја одвела до пилотската кабина.
Таму 15-годишната девојка им раскажала на членовите на екипажот што се случило.
Според нејзиниот исказ, мажот кој седел до неа почнал непримерно да ја допира уште при полетувањето. Наводно, притоа се преправал дека ѝ помага да го врзе безбедносниот појас.
По слетувањето во Загреб, случајот бил пријавен, а 61-годишниот македонски државјанин бил уапсен. Надлежните органи презеле понатамошни мерки за расчистување на случајот.
Наводите за инцидентот се предмет на постапка, а засега станува збор за тврдења содржани во пријавата и исказот на малолетната патничка.