Правните и физичките лица од земјава во иднина ќе можат да вложуваат во недвижности во странство со преминувањето на Македонија во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА).
Како што посочуваат од Народната банка на Република Македонија (НБРМ), инвестирањето во странство треба да се темели врз бројни информации врз очекувањата кон кои се планира вложувањето на средства од македонските граѓани. „Преминот кон втората фаза од ССА овозможува не само поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица, туку и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари“, велат од НБРМ.
Од централната банка соопштуваат дека нашите граѓани треба да ги имаат во предвид и да ги почитуваат обврските што произлегуваат од Законот за девизно работење кои се однесуваат за регистрирањето и известувањето за трансакциите. Сепак, и понатаму ќе остане на сила забраната за отворање сметки на правни и физички лица во странски банки, освен во случаи предвидени со посебна одредба.
Пристапувањето кон втората фаза од ССА значи натамошна либерализација на капиталните текови. Македонија се обврза со оваа спогодба да го почитува начелото на слободно движење на капиталот, кое пак се реализира во фази. На 25 јануари годинава стапи во сила „Одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки“.