Македонците сепак ќе можат да патуваат во Бугарија со валиден вакцинален сертификат

Македонските државјани од четврток ќе можат да влезат во Бугарија со приложување  валиден сертификат за вакцинација против КОВИД 19 или сертификат за прележана болест, заедно со негативен ПЦР тест, пишува 24 Вести.

Со ова е сменета претходната одлука на Софија со која беа донесени рестрикции за забрана на несуштински патувања поради ситуацијата со ковид-пандемијата. По интензивната комуникација меѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји, надлежните институции на Бугарија, донеле нова одлука за влез во Бугарија на нашите државјани, соопштија од МНР.

„Со најновата одлука на бугарските власти, а која ќе стапи во сила од 20 јануари (четврток), на сите државјани на Република Северна Македонија им е дозволен влез во Бугарија со приложување валиден сертификат за вакцинација против ковид-19 или сертификат за прележана болест, заедно со негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа“, се вели во соопштението на МНР.

За влез во Бугарија на малолетни лица од 12 до 18 години, исто така е задолжителен негативен ПЦР тест.