Македонците масовно купуваат вили во Грција

Неколку годишната криза ги урна цените на недвижностите, а интересот за парче грчка земја со поглед на море кај Македонците се повеќе расте.

Едно е сигурно – тешко се враќаат старите имоти, но многу лесно македонските државјани може да купат нов имот во Грција по поволни цени. Неколку годишната криза ги урна цените на недвижностите, а интересот за парче грчка земја со поглед на море кај Македонците се повеќе расте. Тоа го овозможуваат најновите законски измени во Грција со кои на странски државјани им се дозволува да бидат сопственици на недвижен имот во соседните земји, без разлика дали се или не се членки на Европската унија.

Интересот сега е огромен, бидејќи цените се многу ниски. Кризата си го направи своето, па апартманите се продаваат како алва. Најчести клинти се скопјаните со бугарски пасош, кои купуваат парцели во Катерини. Македонците со европски пасош почесто се одлучуваат за купување на имот во Грција бидејќи документацијата така е поедноставна, а и данокот.

На првиот и вториот крак се продаваат убави градежни парцели и за 50 евра квадрат. Апартманите пак, во зависност од локацијата и урбанистичкиот план се движеле од 400 до 1000 евра квадрат.

Слични се цените и на парцелите и апартманите на Халкидики, кои во зависност од тоа колку се блиску или далеку од море се движат од 800/900 евра па нагоре.

Според агентите најатрактивни туристички места за Македонците се Ханиоти, Пефкохори, а под Олимп во Платамона. Така, куќи на одлична локација на море се продаваат за околу 100.000 евра, додека апартман на Халкидики од 85 квадратни метри е 85.000 евра. По интернет страниците на кои се огласени парцелите и вилите кои се продаваат се наоѓаат апартмани и по 50 илјади евра.

На 250 метри оддалеченост од плажа, во Ханиоти апартманите од 50 квадрати се шиткаат и за 40 илјади евра. Апартман во Сивири, 40 квадратни метри со балкон чини околу 45 илјади евра, додека пак 70 квадратни метри во вила во Калитеа чинат околу 60 илјади евра. Малку поскапи се становите во Пефкохори чиј квадрат е проценет на 1500 евра, исто колку кај нас квадрат стан на Водно. Стан од 80 квадрати, со поглед на плажа и базен за сите станари се продава за 140.000 евра. Во пределот под Олимп, на само 100 метри од плажа, интернет-порталите за продажба на недвижности нудат апартмани од 40 квадрати за само 40.000 евра.

Што се однесува пак до островите, цените се поевтини. На грчкиот остров Крит, вила која е приспособена да биде хотел на 100 метри од плажа се продава за 140.000 евра. Но и покрај ваквите ниски цени, има и такви кои бараат луксузни вили со цени над 2000 евра квадрат. Ваквата навала на "луксуз", според агентите е поради тоа што порано не секој можеше да купи ваква вила за таа цена. Повеќе не се чека по една година за согласност од грчките власти, па до овој луксуз , нормално доколку ги имате парите се стигнува за само 20-тина дена.