Македонци заглавени низ цел свет не можат да извадат документи – амбасадите креваат рамења

Бројката на Македонци кои се заглавени низ лавиринтот за македонски документи е непозната. Тие заради корона-кризата не можат да извадат документи преку македонските амбасади, доколку дојдат во Македонија поради кризата нема да се вратат во земјите каде што живеат и работат во моментот, а македонските власти немаат слух за ова прашање.

Македонците Мимоза Велјановска, Милка и Иван Јанчеви се заглавени во Кина и велат дека прво се обратиле во македонската амбасада каде разговарале со дипломатка, бидејќи тогаш сè уште немало амбасадор, која ги посоветувала да испратат електронска пошта до неа и до македонското Mинистерство за надворешни работи, пренесува порталот Република

Одговор немавме од никој повеќе од цел месец, лично јас испратив 10 барања до македонското МНР, и на крај ги исконтактирав на социјални мрежи поточно на „Фејсбук“, таму ми одговорија дека треба да се вратиме. Оваа голгота со барање на одговор траеше цели два месеца, но со овој проблем се соочуваме скоро една година, кога сфативме дека ако заминеме по документи за Македонија потоа нема да можеме да се вратиме повторно во Кина. Доколку не го решиме проблемот ќе треба да се вратиме назад, а со тоа ќе изгубиме работа, како и право на престој, сè во зависност од периодот, бидејќи навистина е непредвидливо во моментов. Сепак, заради овој едноставен проблем, за кој не сум чула граѓани на други земји да се соочуваат, мене и на моето семејство ни е загрозена иднината, истакнува Мимоза Велјановска која живее и работи во Кина.

Димитра Хаџи-Поповски која живее и работи во Копенхаген, со оглед на тоа дека важноста на пасошот и истекува во декември 2020,  на 21 април официјално се пријавила за сликање во македонската амбасада во Копенхаген, Данска кое било планирано да се случи во јуни. За жал, од тогаш па до денес, се одложувало и го добивала истиот одговор дека не знаат и дека ќе ја информираат кога ќе дознаат кога тоа би се случило.

Загрижена сум дека скоро ќе останам без патна исправа и нема да можам да патувам во ниедна друга земја освен до Македонија, вели Хаџи-Поповска.Тие сите заедно апелираат до македонските власти што поскоро да го решат овој случај и ги покануваат другите граѓани кои се во ваква ситуација да им се приклучат јавно да говорат за проблемот со кој се соочуваат и се заглавени во административните лавиринти.