Магијата на турскиот чај во Старата скопска чаршија

Зошто е толку посебен чајот во Старата скопска чаршија, која е магијата? 

Нешто без кое не можете да минете ден во сарата чаршија е едноставно најдобриот турски чај.Се пие секаде низ кафулиљата и чајџилниците низ улиците на Старата скопска чаршија.

Чајот највеќе се пиел во јавни чајџилници и во домашни услови. Јавните чајџилници во минатото ги имало во маалата со муслиманско население.

За приготвување на чајот во јавните чајџилници се користел специјален бакарен сад наречен ”чајдалник” и во помали чајници од по два литра од метал што не ‘рѓосува.

Во “чајдалникот” се загревала водата. Со врела вода се полнеле малите чајници, во коишто се ставале 15-20 гр. сув чај. Потоа се ставале на специјален отвор врз “чајдалникот”, каде што стоеле додека чајот не се распари и не се симне на дното. Тогаш чајот бил готов за употреба.Чајот се служел во стаклени чаши наречени “чајбардак” стеснети во средината.

Во вакви стаклени чаши чајот подолго време останувал топол. “Чајбардак” се послужувал поставен на мала чинија “тавла” и со “кашик”, мала лажичка за мешање на шеќерот, медот или некое друго сладило. Кај поголем број христијански семејства чајот се служел во поголема чаша со помала тацна. Чајот се пиел јак, без шеќер, а во него можело да се додаде шеќер и лимон.

Во минатото, чајџилниците ги посетувале само мажи. Се служел лесен чај “јенлик”, среден “орта” и јак “агар” чај. Се служело со големи табли, тепсии или послужавници. Чајот се пиел 3 до 4 пати дневно по 2-3 чаши, обично по оброк. Јавните чајџилници највеќе ги посетувале претставници на пониските слоеви на населението.. Чајот во чајџилниците и ашчилниците се варел и во самовари.
Како и во минатото традицијата продолжува и денес. Старата чаршија не би била целосна доколку не постојат старите собри чајџилници во кои се служи најдобриот турски чај.

 

 

 

Токму таму можете да ја доживеете единствената уметност на подготвување и конзумирање на стариот добар црн или турски чај, кој ќе ве размрда и ќе ве остави будни до крајот на денот.