Луѓето кои ве сакаат – тоа е сѐ што имате во животот

Луѓето кои ве сакаат. Нема често да ги среќавата. Но, се истакнуваат меѓу толпата луѓе кои ги гледате секој ден. Тие нема да ве погледнат со очи, тие ќе ве допрат во душата. Тие нема да ви купуваат големи работи, тие ќе ве воодушевуваат со мали гестови. Тие никогаш нема да заборават што е она што ве прави среќни и она што ви е важно. Ќе ги препознаете по насмевката, а не по солзите. Ќе ги препознаете по нивното рамо кога ќе загусти. По нивното присуство кога сите останати си одат. По нивниот шепот кога никој не ве слуша. По нивната тишина која ќе биде погласна од бучавата на другите луѓе. 

Луѓето кои ве сакаат. Ќе можете да ги наброите на прстите од едната рака. Сепак, тие се сѐ, само не број. Тие се сѐ што имате во животот. Тие сѐ се она што останува и тоа е она што ви е доволно. На крајот на денот, нема да броите успеси, куќи и автомобили, ќе броите колку такви луѓе имате. Тие ќе бидат она што е важно. Мирно ќе спиете со сознанието дека се тука, дека ги чувате и дека ги имате и дека благодарение на нив не сте сами. Ќе бидете среќни и благодарни затоа што сте ги пронашле и тие ве пронашле вас. 

Луѓето кои ве сакаат. Ќе ве сакаат од глава до пети. Ќе ве читаат со затворени очи и ќе ве слушаат преку отчукувањето на сопственото срце. Нивниот поглед ќе биде искрен. Ќе бидат во првите редови на вашата животна премиера за да ви аплаудираат кога ќе успевате и ќе ве креваат кога ќе паднете. Нема да ги бројат вашите мани, туку ќе ги сакаат вашите доблести. Нема да ги бројат вашите порази, туку ќе ги чуваат вашите победи. Со насмевка ќе ве бодрат и со солзи ќе ве тешат. Ќе ве направат подподносливи дури и кога сте претешки за справување. Ќе ве даваат сила кога ќе немате сила. 

Луѓето кои ве сакаат. Оние кои на крајот на денот ќе помислат на вас. Оние на кои на крајот на денот ќе им раскажете каков ден сте имале. Оние кои на крајот на денот ќе ги прегрнете и по којзнае кој пат одново ќе ги сакате, без оглед на тоа дали се блиску или далеку. Не е важно, затоа што оние кои ве сакаат секогаш се покрај вас. Не бегаат кога работите се тешки. Не ве оставаат кога ќе ве заредат лоши денови. Не носат лажни маски на пријателство. Не оставаат недовршени приказни и не лажираат среќни краеви. Нема да ве продадат за туѓо ласкање и да ве заменат за магијата и лажниот сјај на некој извештачен свет. Нема да ја разубавуваат вистината и нема да бегаат од критики. 

Луѓето кои ве сакаат. Заедно со вас ќе бројат ѕвезди на таванот во малечок стан. Ќе зборуваат со вас во 2 наутро за смислата на животот. Ќе бидат покрај вас додека сте на дното, а ќе фантазирате заедно како да сте на врвот на најголемата планина. Од вас секогаш ќе го извлекуваат најдоброто и ќе бидат гласот кој ве турка напред, кој ви кажува дека можете да направите сѐ. Ќе ве пронајдат меѓу милион други изгубени луѓе и ќе ви го покажат вистинскиот пат. Ќе ве чуваат и од вас самите и ќе ве бранат од неволјите на светот. Ќе ги дофатат вашите соништа и ќе ги претворат во реалност. Ќе ви го размрдаат тлото под нозете и ќе ве натераат да полетате. 

Ќе ве сакаат и кога нема да се сакате самите. Затоа што тоа е она што го прават луѓето кои ве сакаат. Сакаат и љубат.