Локалните избори оценети како фер и демократски, родова нееднаквост и меѓу новите градоначалници

 

Локалните избори генерално поминаа во фер и демократска атмосфера, но и овој пат беа регистрирани кршење на изборниот молк, притисоци, злоупотреба, дезинформации и говор на омраза. И покрај ветувањата и наводните заложби од политичките партии, сепак само две жени ќе раководат со локалните самоуправи од вкупно 80 општини и Градот Скопје, што повторно го потврдува проблемот со родовата нееднаквост во земјава.

– Сметам дека изборениот ден помина мирно во демократска и фер атмосфера каде што беше слободно изразена волјата на секој гласач, изјави вчера претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Тој им се заблагодари на сите граѓани за, како што рече, високото ниво на демократска свесност која ја покажале, но и на сите изборни органи за професионално работење и почитување на Изборниот законик, на медиумите за професионалниот однос и известување за изборите, на учесниците во изборите и кандидатите за креирањето на поле за фер натпревар на домашните и меѓународните набљудувачи за придонесот на демократскиот амбиент во кој се одвиваа изборите и за почитувањето на кодексот за набљудување.

– Изборите беа поразлични од сите претходни бидејќи пред сите нас имаше поинаква задача, успешно воведување на технологија за биометриска идентификација на гласачите. ДИК и сите чинители беа исправен пред голем предизвик. Оваа законска обврска за воведување биометриска технологија за првпат претставуваше голема привилегија, но и голема одговорност. Употреба на биометриските системи во изборните процеси овозможува да се пресретнат предизвиците вклучени во спроведување на принципот еден гласач еден глас, што е неопходно за одржување демократски, фер и транспарентни избори, рече Даштевски.

Тој информираше дека тече рокот за поднесување приговори за овластените претставници, кој истакува утре во 14 часот.

Прелиминарните наоди од набљудувачката мисија на ОДИХР за вториот круг од Локалните избори 2021 посочуваат дека тој бил во натпреварувачки дух и изборната администрација вложила напори да одговори на некои процедурални недостатоци од првиот круг, но негативната реторика и наводите за притисок врз гласачите и кандидатите продолжилр да имаат негативно влијание на изборите.

Шефицата на Мисијата, Тана Де Зулиета,  вчера истакна дека лицата што ги спроведувале изборите ги извршиле техничките подготовки за вториот круг на избори во законските рамки, при што по преземените мерки да се одговори на техничките проблеми од првиот круг, вчерашниот изборен ден се одвиваше непречено, но како што посочи таа и понатаму се забележувале некои недостатоци.

Таа додаде дека поради несоодветно постапување по приговорите била отежнета ефективната употреба на правните лекови со што некои лица биле лишени од правото на глас.

– Додека од кандидатите во вториот круг се бараа финансиски извештаи тие не беа објавени пред гласањето. Од оваа причина, како и поради недоволните информации објавени во јавноста за отчетноста во врска со финансирањето во кампањата во првиот круг се намали транспарентноста, забележуваат од Мисијата на ОДИХР.

Во однос на известувањето на медиумите, набљудувачите од ОДИХР посочуваат дека радиодифузерите кои биле мониторирани обезбедиле доволно информации на гласачите за кандидатите, а вестите биле неутрални. Воедно се посочува дека најголемите парламентарни партии уживале систематска предност во поглед на поделбата на јавните ресурси за водење кампањи и известувањето и рекламирањето во медиумите, со што независните кандидати и кандидатите од помалите партии биле во значително незавидна положба.

– Може да се стори повеќе за изборите во Северна Македонија да бидат поинклузивни за независните кандидати, како и за оние што ги застапуваат помалите партии. Со подобрувања на изборната рамка за да се постигне рамнотежа со тоа што ќе се договори на системските нееднаквости во можностите за водење кампања, како и да се насочи вниманието на начините на кои ќе се зголеми учеството на жените во политичкиот живот, рече Де Зулиета, која посочи дека само шест од 88 кандидати за градоначалници во вториот круг биле жени.

По овие локални избори, само две жени ќе раководат со локалните самоуправи од вкупно 80 општини и Градот Скопје, што го повторно го потврдува проблемот со родовата нееднаквост во земјава. Имено, Данела Арсовска и Жаклина Јовановска се единствените избрани градоначалнички.

Град Скопје првпат доби градоначалничка, откако независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Данела Арсовска го победи противкандидатот Петре Шилегов, кој раководеше со Градот во изминатите четири години. Победи и Жаклина Јовановска од СДСМ, која и досега беше градоначалничка на Старо Нагоричане.

Според родовата застапеност, од вкупниот број кандидати за градоначалници на Локалните избори 2021, 91,64 проценти беа мажи, а само 8,36 отсто жени.