Локални избори: Пристигнуваат уреди за отпечаток од прст, СДСМ ќе објави дел од кандидатите

Граѓаните веќе имаат увид во електронскиот Избирачки список и можат да реагираат до ДИК со своите забелешки. Засега, најмалку 800  лица веќе поднеле приговор или забелешка во однос на Избирачкиот список, а забележани се и неколку ситни неправилности. Само едно лице досега побарало да биде внесено во списокот, бидејќи го немало.

Во меѓувреме пак, во тек е набавката на уредите за отпечаток од прст, за идентификација на гласачите во гласачките места. Неделава се очекува да пристигнат најмалку 250 од овие уреди, кои ќе бидат доделени во избирачките места. Важно е да се нагласи дека овие уреди нема да бидат поврзани на интернет, туку ќе се користат само за идентификација и евиденција.

Исто така, во однос на претстојните локални избори, се очекува денеска владејачката СДСМ да објави дел од своите кандидати за градоначалници. Интересно е што и голем број независни кандидати и советнички листи веќе собираат потписи и покажуваат јасен интерес дека сакаат да направат одредени промени во општините каде живеат. 

СДСМ се очекува денеска да соопшти дел од своите кандидати за градоначалници, како што соопшти минатата недела, премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите.

ВМРО-ДПМНЕ во петокот ги објави имињата на уште 19 кандидати за градоначалници, а најави и соработка на локалните избори со Алијанса на Албанците и Алтернатива.