Локален совет за превенција во општина Илинден

Во насока на подобрување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот на територијата на општина Илинден, со дефинирање и интензивирање на нови активности, во просториите на Општината се одржа седница на Локалниот совет за превенција на општина Илинден.

На седницата со која претседаваше градоначалникот, Жика Стојановски беа конкретизирани насоките за делување на Советот.

Целта на Локалниот совет за превенција e подобрување на јавната безбедност на подрачјето на општината, како и градење на доверба и партнерски односи во превенирањето на појавите кои влијаат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата. Локалниот совет за превенција ќе помогне во справување со проблемите од безбедносен карактер преку собирање на поплаките, барањата и информациите од граѓаните, споделување на овие информации со сите членови, а по направените анализи, проценки и градење на стратегија ќе почне со соодветно заедничко дејствување.

Локалниот Совет за превенција преставува тело кое ќа ја олесни имплементацијата на концептот за полициско работење во локалната заедница, а го сочинуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, претставници на Советот на општина Илинден, претставници на невладиниот сектор, на јавните претпријатија, на медиумите, на месните заедници и на локалната самоуправа. Тој претставува еден вид сервис на граѓаните, а неговата работа ќе ја зголеми довербата меѓу владините институции, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и граѓаните, и ќе ја подобри нивната меѓусебна комуникација.

Обраќајки им се на членовите на Советот, градоначалникот Жика Стојановски, покрај другото истакна дека општина Илинден се развива многу брзо, па затоа една од областите е покривањето со полициско присуство, бидејќи општината веќе има 20.000 жители, а дневното движење по сообраќајниците е дури и поголемо од овој број. Тој најави скоро отворање на полициска канцеларија за превенција во општина Илинден, што ќе биде сместена во општинската зграда.

Сашо Велковски, командир на Полициска станица Гази Баба, како член на Советот за превенција, ја истакна одличната соработка со општина Илинден. Тој посебно нагласи дека цел на полицијата не е репресијата туку напротив, преземањето на превентивни мерки за да не се случуваат немили настани, што е всушност целта и на овој Локален совет за превенција.