По повеќе од една деценија застој, Скопје конечно ќе ја добие Универзалната сала во сјајот што го заслужува, објави министерот за култура, Зоран Љутков.

Во својата објава, министерот информира дека е завршена постапката за избор на изведувач, а донесена е и одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за реконструкција на објектот по принцип „клуч на рака“.
„По завршување на законските рокови и потпишување на договорот ќе започнат градежните активности. Особено сум горд што за само една година успеавме да откочиме процес долг една деценија. Преземени се сите потребни мерки – нова проектна документација, измени на постојниот проект и создавање предуслови за успешна реализација,“ напиша Љутков.
Министерот потсети дека Универзалната сала е симбол на Скопје, во која досега се одржани повеќе од 5.000 настани со над 5,8 милиони посетители. Новата реконструирана сала повторно ќе стане центар на културните случувања и собиралиште на граѓаните, а ќе биде и дел од проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Рокот за реализација на проектот е до декември 2027 година, а министерот изрази благодарност до сите кои придонеле во процесот.
„Универзална сала повторно подготвена да го одбележи културниот ритам на Скопје,“ порача Љутков.