Ликот на Арсовска се појави на Nasdaq Tower на Тајмс Сквер во Њујорк

Ликот на поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, се појави на познатиот Nasdaq Tower на Тајмс Сквер во Њујорк, во рамки на одбележувањето на отворањето на тргувањето на Nasdaq Capital Market.

Арсовска објави дека станува збор за признание за нејзиниот ангажман како член на работната група на B20 USA, во рамки на процесот поврзан со Г20, која работи на креирање приоритети и препораки за унапредување на глобалниот економски раст.

„Посебно признание за мене е што бев прикажана на Nasdaq Tower на Тајмс Сквер во Њујорк за време на отворањето на Nasdaq Capital Market, како признание за ангажманот во работната група на G20 B20 USA и придонесот во обликувањето на приоритетите и препораките за глобален економски раст“, напиша Арсовска.

Поводот беше церемонијата на отворање на берзата, на која претставникот на B20 USA, Кевин Брејди, го означи почетокот на тргувањето со традиционалното ѕвоно на Nasdaq. Настанот е дел од активностите во пресрет на B20 Summit во Вашингтон, кој треба да се одржи во ноември.

Според Арсовска, работата на тимот е насочена кон препораки во областите на економскиот раст, инвестициите, иновациите, конкурентноста и глобалните пазари на капитал.

„Горда сум што нашата заедничка работа беше препознаена на едно од највидливите светски места за бизнис, капитал и иновации“, порача Арсовска.