Лидл со неочекуван потег: познатиот ланец отвора прв угостителски објект

Германскиот трговски синџир Lidl започна со изградба на својот прв угостителски објект – паб, кој треба да биде отворен ова лето, пренесува CNN.

Пабот ќе се наоѓа во Дандоналд, предградие на Белфаст во Северна Ирска, во близина на една од постојните продавници на Лидл. Во рамки на проектот е предвидено и отворање продавница за алкохолни пијалаци, каде купувачите ќе можат да ја најдат понудата на вина, пива, сидери, жестоки пијалаци и ликери од брендот.

Според најавите, објектот ќе има капацитет од околу 60 седечки места и ќе се простира на површина од приближно 60 квадратни метри.

Регионалниот директор на Лидл за Северна Ирска, Гордон Круикшанкc, изјавил дека компанијата е присутна во Дандоналд повеќе од 20 години, но досега купувачите немале пристап до целосниот асортиман, особено кога станува збор за алкохолни пијалаци.

Реализацијата на проектот следува по судска постапка во која Лидл добил зелено светло за добивање дозвола за работа. Високиот суд ја отфрлил жалбата на конкурент кој тврдеше дека локацијата не е соодветна и дека нема доволна побарувачка.

Во образложението на пресудата било наведено дека ваквиот концепт претставува новина на пазарот, но дека постојната законска рамка не го спречува воведувањето на иновативни модели во угостителството.

Инаку, според законите во Северна Ирска, дозволите за продажба на алкохол се ограничени, но може да се пренесуваат од еден на друг објект со слична намена, што овозможило реализација на овој проект.