„Либертанго“ на сцената на МОБ

„Либертанго“ е приказна за настанувањето на тангото, танц кој настана на улиците на аргентинските градови и ги достигна врвовите на уметничкиот Олимп. Приказна поврзана со историјата на семејството Пјацола и уметничкиот раст на Астор Пјацола со кој се искачи на  пиедесталот на светската танцова сцена. Тангото е танц на љубовта, љубовната болка, љубомората, страста.

На 3 октомври 2018  (среда) во 20 часот на сцената на МОБ публиката повторно ќе се сретне со танго танцот во изведба на солистите  и ансамблот на балетот на МОБ.

Кореограф е Сабрина Боско (Италија),  режисер и либретист е Наташа Поплавска, додека костимограф и сценограф е Александар Ношпал. Во изведбата главните улоги ги толкуваат: Асунта Манети Пјацола – Александра Мијалкова, Висента „Нанино“ Пјацола – Васил Чичијашвили (Грузија), Марија Нивес Раго – Мими Поп Алексова Атанасовска, Хуан Карлос Копес – Игор Веланоски, Карменсита Калдерон – Наташа Јосифовска, Деде Вулф – Саша Ефтимова.

Во останатите улоги настапуваат солисти на балетот како и комплетниот балетски ансамбл.