Лесно е да се заврши факултет, тешко е да се биде образован

Школованоста се стекнува со учење и упорност, а образованието се стекнува со постојано ширење на видиците, љубопитноста и желбата човек од себе да направи сестрана и квалитетна личност.

Голем проблем е тоа што денешната младина не чита. Речиси воопшто. Тоа е нашата иднина која утре ќе управува со државата, ќе нѐ лечи, ќе гради мостови и ќе ги учи нашите деца.

Денес на луѓето им е тешко да прочитаат текст подолг од три реченици. Сѐ почесто слушам: „Кој ќе го чита ова?“ или „Види колкава е книгава!“.

Многу луѓе не се свесни за фактот дека тоа што не се образоваат значи дека стануваат безлична маса без сопствено мислење, а со таквите е најлесно да се манипулира. Од друга страна, не се свесни дека речникот на повеќето луѓе е сведен на жаргон, пцуење и „шегички“. Сѐ помал е бројот на луѓе кои знаат дали треба да се напише НЕЗНАМ или НЕ ЗНАМ.

Имав можност да се уверам дека дипломата од факултет не значи ништо, ама баш ништо, односно дека школованата личност не секогаш е и образована. Има титула, а нема знаење. Најголеми виновници се системот и времето во кое живееме. Некој ќе каже дека читањето е губење време. Мене често ми зборуваат дека го идеализирам светот токму поради тие мои „книгички“ и дека прерозево гледам на работите затоа што имам прочитано многу бајки.

А јас се прашувам, кој е тука губитникот?