„Лесен начин да се дојде до пари“ или „сериозна одговорност на градинката“, граѓаните со поделени мислења по минатонеделниот настан во приватна градинка во Скопје

Дете е повредено во приватна градинка, откако воспитачката се сопнала и паднала. Настанот се случил во средата и истиот го забележал родителот на детето, откако претходно не бил информиран за несреќата. Доктор, констатирал телесни повреди, а Министерството за внатрешни работи презема мерки за негово расчистување.

„Вчера во 21.50 часот во Полициската станица Карпош, Р.Т.(38) од Скопје пријавил дека на 03.08.2022 околу 17.00 часот откако го земал неговото дете од приватна детска градинка на бул.„Илинден“ забележал дека со детето нешто не било во ред“, се вели во вчерашниот полицискиот билтен. 

Инцидентот предизвика низа реакции на фејсбук страната на Скопје Инфо. Граѓаните се поделени, дел сметаат дека е неопходно да има поголема контрола на работата на градинките, а друг голем дел сметаат дека грешки се случуваат и ненамерните пропусти не треба да бидат причина гневот да се истури врз воспитувачките и другиот образовен кадар.

Но, сите во едно се согласни, дека лоши настани се случуваат, но детето требало веднаш да биде прегледано од лекар, а за настанот веднаш да бидат известени родителите. 

„Колку и да внимаваат на секого може да му се случи да падне, па дури и на воспитувачка или негувателка. Не треба да осудуваме никого, можам да замислам колку и е мака на жената“, вели еден од коментарите оставен од Александар Ѓоргиевски.

Со овој коментар се согласни голем дел од граѓаните, но тие додаваат дека неопходно било родителите да бидат запознаени со настанот.

Во таа насока е коментарот на Дијана која вели „Ве читам и не можам да верувам дека ја браните воспитачката. Точно дека на секого може да му се случи, но како можеле прво да не ги известат родителите, а второ на детето да не му се пружи медицинска помош“.

Други пак се сомневаат дека позади извештајот напишан од страна на докторот се крие само начин како да се дојде до отштета и дека „тешки телесни повреди“ е многу сериозна формулација за ваков настан.

„Тешки телесни повреди се констатираат веднаш и се видливи на лице место! Тоа што родителите не се веднаш известени-е грешка. За таа “грешка” сега приватната болница им напишала “тешки телесни повреди” за да си тужат родители и делат со докторот. Прозрачно и просто“, се вели во еден од коментарите.

Законот за заштита на децата предвидува контрола на приватните детски градинки која ја вршат надлежните инспектори од Министерството за труд и социјална политика.