Лесен десерт дури и за почетници во кујна: Трослојна Милка торта

Два слоја крем и плус слој чоколаден бисквит – кој би одбил? Сигурно веќе замислувате како се топи во уста, па не се двоумете дали да одвоите малку време и да ја направите.

Рецептот е едноставен и лесен дури и за не многу вешти почетници, бидејќи е невозможно да згрешите.

Само внимателно следете ја постапката:

Бисквит

Состојки:

  • 2 јајца
  • 2 лажици шеќер
  • 2 лажици брашно
  • 1 ½ лажичка прашок за печиво
  • 1 ½ лажица какао во прав
  • 2 лажици топла вода

Изматете ги јајцата со шеќерот. Измешајте ги брашното, какаото и прашокот за печиво во посебен сад, па потоа додадете ги во миксот од јајца и шеќер. Додадете ја водата. Повторно измешајте.

Распоредете ја смесата во малечок калап за печење (околу 20cm дијаметар) и печете на 180 степени 15 минути.

Кога ќе се оладат бисквитите, пресечете ги на половина за да добиете 2 слоја за тортата.

Млечен крем

Состојки:

  • 670ml млеко
  • 70g густин
  • 2 ½ лажици шеќер
  • 70g бело чоколадо
  • 170g маргарин на собна температура
  • 100g шеќер во прав

Промешајте 100ml од млекото со шеќерот и густинот. Додадете во преостанатото млеко и загревајте. Додадете го и белото чоколадо. Мешајте додека не зоврие и не добиете густ крем.

Измешајте го маргаринот со шеќерот во прав и додадете во изладениот крем.

Милка чоколаден слој

Состојки:

  • 140g Милка чоколадо
  • 3 лажици млеко
  • 2 ½ лажица шеќер
  • 100g маргарин

Ставете ги сите состојки во еден сад и топете ги на пареа додека не добиете еднаков крем. Изладете добро.

Тортата наредете ја по следниов редослед: бисквит, бел крем, чоколаден слој. Повторете двапати.