
Крива Паланка и Пробиштип подготвуваат богата музичка програма по повод големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица, како и одбележувањето на Денот на рударите.
Во Крива Паланка, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица и чествувањето на Свети Јоаким Осоговски – патрон и заштитник на градот, на 29 август (сабота) на Градскиот стадион ќе се одржи голем музички спектакл.
На една сцена ќе настапат три познати музички имиња – Слаткар, Лепа Брена и Ацо Пејовиќ. Музичката вечер ќе ја отвори Слаткар со својот препознатлив звук и енергија, по што следува настапот на балканската музичка икона Лепа Брена. Големата вечер ќе ја заокружи Ацо Пејовиќ, со неговите најпознати хитови и препознатлива атмосфера.
Богата програма е подготвена и во Пробиштип, каде вечерва (петок) ќе се одбележат празникот „Успение на Пресвета Богородица“, Денот на Општина Пробиштип и Денот на рударите.
Прославата на градскиот плоштад „Св. Гаврил Лесновски“ ќе започне во 20:30 часот со настап на Мелани Тарчуловска и нејзиниот бенд. Во 21:30 часот следува „The World of Madonna / Madonna Tribute Band“, додека главната музичка ѕвезда на вечерта, Саша Ковачевиќ, ќе настапи од 23:00 часот.
Празничната атмосфера во Пробиштип ќе продолжи и по полноќ, со настапот на DJ DUFF, закажан за 01:00 часот.
Двете општини ги покануваат граѓаните и гостите да бидат дел од празничните прослави и со музика, забава и заедничко дружење да ги одбележат значајните празници и датуми.