ЛДП, Демократскиот сојуз и ДОМ ќе ја напуштат владата поради „францускиот предлог“

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски вели дека за него не е прифатлив „францускиот предлог“ за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија, а денеска најави дека ќе го преиспита своето учество во Владата.

За ЛДП, Демократскиот сојуз и ДОМ овој предлог не е прифатлив и Милевски кажа дека ќе ја напуштат Владата доколку истиот биде прифатен.

„Најпрво сме разочарани затоа што сме од иста Влада. Вакви предлози требало да се искомуницираат меѓу партиите. Ако тие мислат дека не сме важен фактор, тогаш се излажале. Ако Владата го прифати овој предлог, моето место нема да биде во таква Влада. Не можам да седам со луѓе кои не го почитуваат моето мислење. Не можам да прифатам цела историја, која сме ја учеле во основно и средно, да се измени и да кажеме дека е лажна, дека ни ја наметнале комунистите. Сега Бугарија сака да ни наметнува друга историја, за Самоил, Кирил и Методиј и останатите и да каже дека тие се Бугари“, вели Милевски.