Ламески: „ФИНКИ создава бескрајни можности за студентите – дипломците се меѓу најбараните на пазарот“

Веќе следната недела стартува новата академска година за студентите во Македонија. Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) и натаму меѓу најбараните во земјава. Трендот продолжува, како во светот и регионот, така и кај нас. Младите сè почесто се одлучуваат за изучување на информатичките науки. 

За новата академска година, за можностите за студентите, како и за сè поактулената тема - вештачка интелегенција разговараме сод деканот на ФИНКИ Петре Ламески кој е дел од факултетот од самото негово основање во 2011 година. 

Од неодамна сте на функцијата Декан на ФИНКИ. Овој Факултет во изминативе години важи за еден од најперспективните, а причина за тоа е што со стекнатите знаења, вештини и квалификации оттаму, се гарантира добро платено работно место кон кое целат младите. Дали сѐ е подготвено за стартот на новата академска година?

Во изминатите години, ФИНКИ вложи значителни напори во изградба на современа инфраструктура која овозможува изведување на практична настава според највисоките стандарди и во чекор со технолошките трендови и потребите на индустријата.

На техничкиот кампус обезбедивме доволно простор за реализација на наставата со најсовремени методи, а студентите имаат можност да работат во лаборатории опремени со повеќе од 300 компјутери.

Дополнително, студентите располагаат со пристап до GPGPU кластер за развој на апликации со вештачка интелигенција (ВИ), како и со инфраструктура за учење и развивање на безбедни софтверски решенија и решенија за пресметување во облак. На овој начин, ФИНКИ обезбедува средина која ги подготвува студентите не само за локалниот, туку и за глобалниот пазар, оспособувајќи ги да бидат конкурентни и успешни во динамичната дигитална економија.

Последниве неколку години има сѐ поголем интерес за студирање на Факултетoт за информатички науки и компјутерско инженерство. Што вели статистиката, каква е ситуацијата годинава? За кои области (насоки) конкретно има најголем интерес?

Интересот за студирање на ФИНКИ останува голем, особено на насоката Примената на информациски технологии и насоката Софтверско инженерство и информациски системи кои континуирано важат за најбарани насоки.

По значителниот раст на интересот за време на кризата со Ковид, бројот на новозапишани студенти се стабилизира на ниво што е во рамки на нашите очекувања и капацитети.

Оваа академска година, во прва година на студии запишавме околу 600 студенти, а дополнително очекуваме околу 60 студенти од странство, што претставува значаен чекор кон интернационализација и поголема видливост на факултетот во европскиот и светскиот образовен простор.

Според Вас која е причината за зголемениот интерес за ФИНКИ? Дали работното место по ФИНКИ е загарантирано?

Зголемениот интерес за ФИНКИ е сосема разбирлив ако се земе предвид улогата на факултетот во подготовката на идните ИТ професионалци. За време на Ковид кризата имаше експоненцијален раст на побарувачката за ИТ кадар, што потоа се стабилизираше, но интересот кај младите не опадна – напротив, со појавата на вештачката интелигенција тој дополнително расте.

Она што го прави ФИНКИ посебен е тоа што студентите не се само пасивни слушатели на предавања, туку активно учествуваат во практични проекти, имаат пристап до најмодерни технологии, и можат да избираат меѓу повеќе од 30 предмети од областа на ВИ, нешто што малку факултети во регионот можат да го понудат.

Ова значи дека студентите уште за време на студиите градат реално искуство и компетенции што директно одговараат на потребите на индустријата. Дипломата од ФИНКИ обезбедува висока конкурентност и одлични можности за кариера. Нашите дипломци се меѓу најбараните на пазарот, токму затоа што покрај теоретската основа стекнуваат практични вештини и експертиза во најбрзо растечките технолошки области.

Како го оценувате ИТ пазарот во Македонија или сепак, крајната цел на дипломците од вашиот факултет е да се вработат во странска компанија?

ФИНКИ, како еден од најквалитетните технички факултети во регионот, им овозможува на своите студенти со самото дипломирање пристап до светскиот пазар на трудот.

Македонија денес располага со значителен број продукт-ориентирани компании и стартапи, кои создаваат одлични услови за вработување и професионален развој на дипломците од ФИНКИ.

Во последниот период, компаниите кои се услужно ориентирани се соочуваат со зголемен притисок од странска конкуренција, особено од земјите на далечниот исток. Оваа состојба е поттикната и од намалениот интерес за инвестирање во одредени ИТ-проекти како последица на светската економска криза. Сепак, очекувањата се дека овие трендови ќе се стабилизираат, а со тоа ќе се создадат уште посолидни можности за младите ИТ кадри кои своето образование го стекнуваат на ФИНКИ.

Кој е вашиот совет до идните студенти на ФИНКИ?

Мој совет до идните студенти на ФИНКИ е времето кое ќе го поминуваат на Факултетот да го гледаат како инвестиција во сопствениот развој. Да бидат активни, да ги искористат сите можности и ресурси што ги нуди Факултетот, и да се стремат кон постојана надградба.

Целта на студирањето не треба да се сведе само на положување испити, туку на стекнување инженерски и претприемачки вештини, како и на создавање мрежа од колеги и соработници. Токму тоа е патот кон зголемување на сопствената конкурентност на пазарот на трудот или пак кон основање успешен стартап.

ФИНКИ веќе има бројни примери на дипломирани студенти кои изградиле сопствени успешни компании или пак се етаблирале како експерти во светски реномирани Fortune 500 компании. Тоа е најдобриот доказ дека ФИНКИ создава бескрајни можности за своите студенти и дека секој кој вложува труд може да постигне врвни резултати.

Вештачката интелегенција е дел од предметите кои токму вие ги предававте. Дали може да споделите ваш став во однос на актуелноста на ова прашање во моментов на глобално ниво? Ќе успее ли вештачката интелегенција да го замени човекот, колку сметате дека ќе оди напред, што да се очекува на ова поле во Македонија?

Од научна и техничка перспектива, ВИ отвора огромни можности за автоматизација на задачи кои традиционално ги извршувале луѓето. Денес ВИ предизвикува сериозни промени на пазарот на трудот во речиси сите индустрии, што резултира со трансформација на компетенциите што се бараат од работната сила. Како и при претходните индустриски револуции, очекувано е дел од постојните професии постепено да исчезнат, но истовремено ќе се појават нови, софистицирани професии што ќе ги заменат.

ВИ има потенцијал значително да ја зголеми продуктивноста на трудот. Во идеално сценарио, тоа би можело да придонесе за редефинирање на работниот ден и работната недела – наместо класичното осумчасовно работно време, да се овозможи пократка и поефикасна структура на работа, со поголем фокус на креативност и вредносно-интензивни активности.

Сепак, предизвиците со воведувањето на ВИ денес се помалку технолошки, а повеќе регулаторни и економски. Потребно е внимателно креирање на модели и политики што ќе овозможат луѓето да коегзистираат во услови на намалена побарувачка за човечка работна сила и зголемена улога на автоматизацијата и роботите. Тука клучна улога ќе имаат политичарите и економистите, кои треба да најдат рамнотежа меѓу иновациите и социјалната одржливост.

Воведувањето на ВИ во сите индустрии претставува огромна можност за Македонија. Преку прифаќањето и интеграцијата на овие технологии во процесите на дигитализација, државата може значително да ја зголеми својата конкурентност и да стане позитивен пример за регионот и пошироко. На тој начин, Македонија има потенцијал да се позиционира како лидер во усвојувањето и примена на современите дигитални решенија и ВИ.