Лајка: Животните сакаат мир, стоп за употребата на пиротехнички средства

Од ЈП Лајка со кампања во пресрет на новогодишнитепразници.

Велат празничниот период е најстресното време за животните, особено за бездомните кучиња кои талкаат сами и незаштитени низ улиците.

-Употребата на петарди и пиротехнички средства предизвикува не само физички повреди, туку и психички шок, стрес, доживотни трауми и неретко смрт од срцев удар кај кучињата. Во овој период од годината има и најголем број на изгубени миленици како последица од употребата на петардите. Многу кучиња за време на својата прошетката, честопати се оттргнуваат од своите сопственици, сакајќи да побегнат од звукот на петардите, нагласуваат од Лајка.

ЈП Лајка секоја година пред почетокот на празничната сезона се вклучува со своја кампања против употреба на петарди и пиротехнички средства, со цел подигнување на свеста кај граѓаните за опасноста на која сме изложени сите и воедно да го свртиме вниманието кон превентивните мерки за заштита не само на бездомните кучиња, туку и на домашните миленици.

-Во таа насока и оваа година апелираме до сите граѓани да се воздржат од употреба на разни пиротехнички средства за време на престојните празници, бидејќи и животните заслужуваат мир и благосостојба, како и ние. Вашето неколку минутно “задоволство” може да чини живот. Воедно, им порачуваме на сопственици на кучиња, да не ги оставаат нивните миленици сами во периодот околу новогодишните празници, шетањето да биде исклучиво со поводник со цел да се заштитат и да немаат негативни последици, порачаа од Лајка.