„Лајка“ го прослави четвртиот роденден

Јавното претпријатие „Лајка“ на 20 октомври 2024 година заедно со граѓаните, удомувачите и сите подржувачи го одбележа својот 4. роденден.

„Задоволство ни е да информираме дека во овие 4 години јавното претпријатие ‘Лајка’ работи по единствената докажана и хумана програма за намалување на бездомните кучиња на улиците и има заловено и третирано вкупно 3.700, од кои 850 си го нашле својот дом. Сите овие години ЈП ‘Лајка’ активно работи и на едукација и на промовирање и подигање на јавната свест за одговорно сопствеништво на домашните миленици.

Сакаме да ја искористиме оваа пригода да им се заблагодариме на сите што дојдоа на нашата скромна прослава, а особено ни е драго што секоја година бројот на нашите поддржувачи се зголемува, што укажува дека граѓаните ги препознаваат важноста на работата и активностите на претпријатието како посебен јавен интерес.

Особено сакаме да им се заблагодариме на хуманите граѓани, кои ги отворија своите домови за кучињата – миленици од ЈП „Лајка“ и одлучија да удомат бездомно наместо да купат куче и со тоа не само што покажаа огромна хуманост и етика туку станаа и позитивен пример во решавање на овој општествен проблем.

Огромна благодарност упатуваме и до здруженијата за заштита на животните, со чија помош значителен број на кучиња си го најдоа домот надвор од границите на нашата држава.

ЈП „Лајка“ ќе продолжи со уште поголем мотив да соборува рекорди и се надеваме дека уште многу години ќе биде достоен сервис на граѓаните и пример за хумано и етичко третирање на бездомните кучиња, кои не по своја вина се на улиците на Скопје“, велат од „Лајка“ по повод роденденот.