„Кучешкиот туризам“ и неодговорните сопственици го хранат проблемот: Директорот на „Лајка“ открива како Скопје ќе се справи со кучињата скитници

Кучињата скитници, се чини, се вечен проблем на скопјани. Јавното претпријатие за благосостојба на животните „Лајка“ од неодмна почна засилена акција со цел ставање под контрола на популацијата на улични кучиња.

Ќе успее ли Скопје да стане како светските метрополи, без глутници кучиња низ населбите, каде лежи коренот на овој проблем, за  носењето кучиња од други градови, како и за убавите иницијативи на кои се од големо значење за сите вљубеници и поборници за правата на животните разговараме со Војислав Димитровски, директор на јавното претпријатие Лајка. 

Изминатиот период „Лајка" реализираше теренски активности за заловување и третман на бездомни кучиња на повеќе локации низ Скопје. Како тече оваа акција? Граѓаните реагираат дека кучињата повторно се враќаат на улиците? Зошто е тоа така дали може да ни појасните?

Во моментов, ЈП Лајка спроведува сериозна реорганизација на работниот процес за да се зголемат капацитетите за хуман третман на животните. Резултатите веќе се видливи - во април и мај 2025 година биле третирани 161 куче, додека во истиот период годинава се третирани 263 кучиња, што претставува сериозно зголемување и е јасен показател дека преземените мерки почнуваат да даваат резултати. Нашата цел е овој тренд дополнително да се зголеми во следниот период. Во моментот на терен работат три екипи за заловување -две во прва и една во втора смена, што овозможува прием и реализација на пријави до 19 часот, за разлика од претходно кога активностите се одвиваа до 15 часот.

Паралелно работиме и на проширување на тимот како и на воведување редовни активности за заловување и за време на викендите, со што дополнително ќе овозможи брза реакција по пријава од граѓани и во време на викенд и ќе се зголеми бројот на третирани кучиња. Во последниот месец го воведовме стратешкиот пристап на работа по општини, кој во изминатите две години беше запоставен. Тоа значи дека систематски се работи локација по локација и општина по општина, со цел да се достигне минимум 75 отсто стерилизирана популација на кучиња.

Според светските искуства и препораки, токму овој процент се смета за праг со кој популацијата на улични кучиња се става под контрола, а доколку овој процент се одржува, се создаваат услови бројот на бездомни кучиња постепено и одржливо да се намалувa.

Според Вас, која е главната причина за проблемот со кучиња скитници низ главниот град? Има ли вистина дека се носат од други градови и/или станува збор за неодговорни сопственици на кучиња кои ги оставаат на улица?

Главната причина за големата популација на бездомни кучиња е неодговорното сопствеништво - напуштањето на домашни миленици, неконтролираното размножување на сопственичките кучиња и недоволната свест за обврските што произлегуваат од чувањето миленик. Сето ова директно придонесува да се создаваат нови генерации кучиња на улиците. Дополнителен предизвик е и долгогодишното неусогласено постапување на институциите, како и неможноста проблемот истовремено и континуирано да се решава во сите општини во државата.

Дел од општините се соочуваат со сериозни финансиски проблеми, а недостасува и единствен национален пристап кој би овозможил координирано и долгорочно управување со популацијата на улични кучиња. Не треба да се занемари ниту досегашниот модел на обезбедување ветеринарни услуги преку јавни набавки на локално ниво кој не е базиран на мониторинг на уличната популација на кучињата, соодветно буџетирање и контрола на процесот на хуман третман на кучињата од страна на општините.

Овој воспоставен систем очигледно не ги дава посакуваните резултати. Потребно е сите чинители во процесот да преземат дел од одговорноста, односно институциите да обезбедат доследно спроведување на законите, а граѓаните одговорно да се грижат за своите миленици, да не ги напуштаат, навремено да ги стерилизираат и да ги чипираат согласно законските обврски.

Што се однесува до таканаречениот „кучешки туризам“, тоа е појава за која веќе постојат бројни сомнежи, но и докази. Дислоцирањето на кучиња од една во друга општина не е решение, туку само привремено преместување на проблемот од една локација на друга. На тој начин, не се намалува вкупната популација на бездомни кучиња, туку се создава дополнителен притисок врз општините каде што се оставаат истите. Во меѓувреме, на местото од каде што биле дислоцирани, многу брзо се појавуваат нови кучиња. Затоа, единствено одржливо решение е континуиран и координиран систем на стерилизација, регистрација, контрола и санкционирање на неодговорното сопствеништво.

Во изминатиот период преземаме повеќе активности насочени кон зголемување на капацитетот на прифатилиштето, подобрување на динамиката на работа и создавање поголеми можности за вдомување на секое куче кое ќе влезе во системот на ЈП Лајка. Една од мерките што започнавме да ја развиваме е програмата за времено згрижување, која веќе предизвикува интерес кај граѓаните.

Сè уште сме во почетна фаза на имплементација на оваа мерка, но веќе имаме неколку временски згрижувачи кои покажаа подготвеност да го отворат својот дом за куче од прифатилиштето. Во наредниот период планираме поинтензивно да ја промовираме оваа можност, но истовремено ќе бидеме внимателни во изборот на згрижувачите, со цел да обезбедиме стабилен и одржлив систем што ќе биде во најдобар интерес на животните.

Една од целите е временскиот згрижувач со текот на времето да одлучи трајно да го вдоми миленикот, но и доколку не се случи тоа, придобивките се огромни - кучето добива можност да живее во домашна средина, да стекне навики и социјални вештини кои ќе му помогнат полесно да го пронајде својот постојан дом, додека истовремено се ослободува простор во прифатилиштето за прием и третман на нови кучиња. Важно е да се нагласи дека трошоците за храна, ветеринарна грижа, вакцинација и останатите потреби на кучето ги обезбедува ЈП Лајка. Од временскиот згрижувач се очекува да го понуди најважното - безбеден дом, внимание, љубов и време. Веруваме дека ова е взаемно корисно искуство, бидејќи покрај тоа што му се помага на едно животно, се создава и една посебна врска која ќе го збогати секојдневието на целото семејство.

Градоначалникот на Град Скопје во февруари најави сериозно проширување на капацитетите и создавање современи, хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. До каде сте со овој сериозен потфат?

Проширувањето на капацитетите на ЈП Лајка е еден од приоритетите и се работи на негово планирање и реализација. Сепак, станува збор за процес што бара внимателна подготовка, анализа и мониторинг, бидејќи целта не е само да се изгради дополнителен простор, туку да се обезбедат капацитети кои ќе дадат резултати на долг рок.

Важно е да се има предвид искуството од периодот меѓу 2019 и 2021 година, кога поради транзицијата од стационарот Вардариште кон формирањето на ЈП Лајка, прифатилиштето не функционираше и во тој период беше забележан пораст на бројот на бездомни кучиња на улиците. Токму затоа, сегашното проширување ќе се реализира на начин што нема да го наруши тековното функционирање на прифатилиштето и нема да доведе до прекин на услугите. Паралелно со зголемувањето на сместувачките капацитети, работиме и на зголемување на оперативниот капацитет за третман на кучињата.

Во таа насока, планирано е во процесот да бидат вклучени и приватни ветеринарни друштва кои би работеле паралелно со ЈП Лајка. На тој начин значително ќе се зголеми бројот на стерилизирани, вакцинирани и третирани кучиња, што е клучниот предуслов за долгорочно намалување на уличната популација на кучиња.

Како ќе ги опишете вработените во Лајка, со оглед дека секојдневно се во контакт со животни и се грижат за нивната благосостојба?

Работата во ЈП Лајка не е само професија, туку и голема одговорност која бара знаење, посветеност и љубов кон животните. Претпријатието располага со стабилен и професионален тим од ветеринари, ветеринарни техничари, негователи и заловувачи, а ние континуирано вложуваме во нивна едукација и обука, со цел да воведуваме нови методи и техники кои ќе овозможат поголема ефикасност во работењето.

Особено е важно да се нагласи дека нашите вработени секојдневно се соочуваат со предизвици кои често не се видливи за јавноста - работа на терен во различни временски услови, грижа за болни и повредени животни, како и справување со случаи на занемарување и напуштање на миленици. Токму затоа, покрај стручноста, потребна е и голема емпатија и посветеност. Резултатите од нивната работа најдобро се гледаат преку зголемениот број третирани кучиња, бројот на вдомувања и статистиките кои редовно ги објавуваме на нашите социјални мрежи.

Ваш став околу најавата за отворање на гробишта за миленици. Потребно ли е, кога би се очекувало да стане реалност ова?

Ова е горлив проблем на градот и на државата, а во минатото се изработувани и предлагани повеќе законски решенија. Во рамки на мојот претходен мандат во 2021 година изготвивме предлог законско решение заедно со искусни правници и истото беше доставено до тогашната градоначалничка, но немавме повратен одговор дали се преземени понатамошни дејства за негово донесување.

Се надевам дека институциите ќе изнајдат соодветен модел за легализација на оваа дејност со цел секој миленик да може достојно да биде испратен во вечниот дом од страна на неговиот сопственик.