Крвава пресметка во Старата чаршија: Еден загинат, еден тешко повреден

Едно лице го загуби животот, а друго е тешко повредено во инцидент што се случил ноќеска во Старата скопска чаршија, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според полицијата, настанот бил пријавен во 01:11 часот, кога пред угостителски објект дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка, при што биле употребени остри предмети.

На местото на настанот интервенирале полициски службеници, при што со тешки повреди биле затекнати А.М.Д. (22) од Турција и Ч.Е. (23), исто така од Турција. Кај А.М.Д. лекар од Итната медицинска помош во 01:30 часот констатирал смрт, додека вториот повреден е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му е укажана лекарска помош.

Од МВР информираат дека за случајот е известен надлежен јавен обвинител и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот и утврдување на околностите под кои дошло до инцидентот.