„Крпен живот“ на реконструираниот „Гологанов“: Автомобили на велосипедска, висат кабли и раскопани дрвореди

Новата велосипедска лента на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ чија реконструкција сеуште не завршена, веднаш е пренаменета во бесплатен паркинг од страна на креативните возачи на автомобили, на булеварот висат кабли, а дрворедите се раскопуваат повторно. 

– Апелираме пред да се штиклира оваа вело делница од Градот како завршена, надлежните да ја обезбедат нејзината функционалност и да овозможат непречено движење на велосипедистите. Толерирањето на паркирање возила на вело лента, го прави Градот соучесник во стимулирањето небезбедност и несигурност во велосипедскиот сообраќај – потенцираат од „На точак“.

Според нив, надлежните не водат сметка за лошите/нефункционални пракси од минатото и истите ги повторуваат имајќи ги предвид досегашните искуства со постоечките вело ленти во градов (булевар „Св. Климент Охридски“ – Центар, улица „Московска“- Тафталиџе, улица „Борис Сарафов“- Ѓорче Петров и други), кои поради големиот простор помеѓу две заштитни столбчиња, овозможуваат косо паркирање возила на велосипедската лента.

Инаку, булевар „Митрополт Теодосиј Гологанов“ кај Клубот на пратеници во центарот на Скопје се реконструира половина година, иако Арсовска на почетокот на градежните зафти во септември лани најави дека ќе завршат за пет месеци. Градежните работи се одвиваат на потегот од кружниот тек кај Католичка црква до крстосницата со булеварот „Климент Охридски“.

Деновиве имаше и забелешка од граѓаните на социјалните мрежи и за новиот дрворед на булеварот кој беше криво засаден, која грешка сега работниците од фирмата „Бауер“која ги изведува градежните зафати се обидува да ја исправи.

За доцнењето на реконструкцијата од Град Скопје одговорија дека се работи за сериозен градежен зафат, кој не претставува само реконструкција односно гребење асфалт и нов коловоз, туку опфаќа и комплетно нова изградба на подземна инфраструктура.

– Со тоа се решава деценискиот проблем со поплавувањето на овој булевар, бидејќи до сега тука воопшто не постоела атмосферска канализација, а старата и дотраена водоводна мрежа која се замени со нова, како и замената на приклучоците со нови ќе овозможи да нема прекини во водоснабдувањето, дефекти и загуби на вода – потенцираат од Град Скопје.