Кривична и државен карантин за синот на починатата кој учествуваше во инцидентот пред „8 Септември“

Обид насилно да се изнесе тело на почината од коронавирус е причината за инцидентот што вчера се случи во болницата „8 Септември“.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека кај нив било пријавено дека неколку лица му се заканувале на персоналот што работи во ковид-центарот на болницата, по што интервенирале полициски службеници. Еден од синовите на починатата кој сакал насилно и без почитување на протоколите да го земе телото на неговата мајка бил позитивен на коронавирус, но наместо во изолација, тој дошол пред болницата. Против него ќе биде поднесена и кривична пријава.

– По излегување на местото на настанот, полициски службеници затекнале повеќе лица на паркингот пред ГОБ „8 Септември“, при што од страна на полициските службеници биле преземени  мерки и активности за преглед на лица и патнички моторни возила, а меѓу нив биле затекнати синовите на починатата кои сакале насилно да го земат телото. Лицето Б.С (29) е приведен во ПС Гази Баба, поради тоа што при проверка во евиденција за лица со решенија за изолација констатирано е дека истиот не го почитувал решението за изолација и е позитовен на ковид-19 – велат од МВР.

Синот на починатата кој е позитивен на коронавирус е спроведен во државен карантин на сопствен трошок, а ќе му биде поднесена и кривична пријава за непостапување според здравствените прописи.