„Криминалци и убијци се бараат преку социјалните мрежи“ – Чулев го критикува МВР оти пукачот од „Ист гејт“ уште не е фатен

Од полиција со меѓународен кредибилитет и реноме, станавме институција што криминалците и осомничените за убиство ги брка преку социјалните мрежи, коментира поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Вели дека речиси 24 часа по вчерашниот настан во Скопје и покрај фотографијата од безбедносните камери, Министерството за внатрешни работи сè уште нема одговор за тоа кој пукаше во двете лица во шопинг-центар во централното градско подрачје.

- Оливер Спасовски и раководството на МВР, кои до вчера нè убедуваа дека полицијата расчистила со криминалните групи од Грчец, Арачиново и од Чаир, веројатно, по 7 години, сè уште не сфатија дека борбата со криминалот и намалувањето на стапката на криминалитет не е статистичка работа и не се прави преку телевизија и социјални мрежи. Борбата со криминалот и со криминалните групи не е политичка кампања, фотографирање за социјалните мрежи и кампања за претседателски избори, вели Чулев.

Додава дека вчерашниот и низата настани што се случија во изминатиот период претставува сериозно нарушување на јавната безбедност од проста причина што се случија во центарот на Скопје и во објекти со 24-часовно обезбедување.

- И тие со причина предизвикаа сериозна загриженост и паника кај граѓаните. Затоа што вчера и во сите настани претходно многу лесно можеше кој било од нас, кое било дете или случаен минувач да биде жртва или повреден затоа што тие се случија на места со голема фреквенција на народ и раздвиженост. Во Министерството за внатрешни работи работат сериозни и докажани професионалци, со дигнитет и познавање во работата. Редно време е да ја тргнеме политиката настрана и да покажеме грижа за државата и граѓаните и нивната безбедност, смета Чулев.

Како што заклучува, неопходно е Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедноста да ги стават на располагање сите свои ресурси и да преземат мерки и активност за расчистување на вчерашниот настан и на настаните претходно и враќање на сигурноста на граѓаните и безбедноста на државата.