Креаторите на вакцината на „Астра Зенека“ на добар пат да создадат вакцина против рак

Научниците од Институтот Џенер на Универзитетот Оксфорд, кои стојат зад вакцината „Астра Зенека“ против корона вирус, развија вакцина против рак.

Се покажало дека оваа вакцина е успешна во експериментите на глувци при што успеала да ги намали туморите и да ја подобри  стапката на преживување при оваа болест кај животните. 

Успешните резултати од студијата врз глувци, објавени во стручни медицински списанија, го отворија патот за клиничко испитување и кај луѓе, во кое ќе бидат вклучени 80 пациенти со рак на белите дробови. Како дел од клиничкото испитување, кое треба да започне до крајот на оваа година, пациентите ќе добијат две инјекции, велат од Институтот. 

Оваа нова платформа за вакцини има потенцијал да направи револуција во третманот на канцерите.

-Претстојното клиничко испитување следи по испитувањето на Оксфорд на слична вакцина кај пациенти со рак на простата. Оваа вакцина покажува ветувачки резултати, изјави професорот Адријан Хил, директор на Институтот Џенер.

Вакцините за третман на рак се еден од пристапите кон имунотерапија, бидејќи нивниот принцип на дејствување е таков што го зајакнува имунолошкиот одговор на тумори. 

Основата на оваа вакцина е базирана на истата технологија на вирусни вектори што се користи во вакцината „Астра Зенека“. Едноставно кажано, безопасен вирус го носи генетскиот код за дел од коронавирусот (протеин С). Кога овој безопасен вирус ги инфицира човековите клетки, тие произведуваат вирусен С протеин кој предизвикува имунолошки одговор од телото. Ова создава антитела кон корона вирусот што се активираат кога лицето ќе се зарази.