Ковид кај дваесетгодишно момче предизвикал мозочен удар

Дваесетгодишно момче со симптоми на мозочен удар пред неколку дена било примено на Клиниката на неврологија. Момчето имало проблеми со говорот и други симптоми кои се слични на мозочен удар, но откако тестот покажал дека е позитивен на Ковид-19, се посомневале дека причината за ваквата состојба може да биде коронавирусот, по што го префрлиле во ГОБ„8 Септември“, пренесува Нова ТВ

„Беше примен со симптоми кои се слични на мозочен удар, но за нас како лекари беше невообичаено ваква дијагноза на толку млада возраст. Откако тестот покажа дека е позитивен на Ковид-19 и по кажување на семејството дека претходно неколку дена имал висока температура, го префрливме во Ковид центарот во ГОБ“8 Септември“, изјави д-р. Иван Барбов, директор на Клиника за неврологија.

На Клиниката за неврологија шест пациенти биле позитивни на коронавирус. Тоа се многу тешки случаи чија дијагноза не може да чека, кои прво се примаат, а потоа им се прават тестови. Раководството на клиниката вели дека многу е тешко со овие пациенти бидејќи се најчесто со мозочни удари и не ги примаат во другите болници.

Дел до нив успеале да ги префрлат на Инфективна клиника и во ГОБ“8 Септември“, а двајца се се уште на одделение бидејќи не ги примаат во другите болници.

“Изолирани се во посебна соба, со мозочен удар и не ги прифаќаат во другите болници“, вели Барбов.

Но, прашање е колку е тоа сигурно за вработените и останатите пациенти на ист оддел да се заболени со Ковид и другите тешко болни со мозочни удари.  Од првата пациентка со Ковид, од Дебар 11 вработени од медицинскиот персонал беа во изолација.

Не е познато каква е сега состојбата на 20 годишното момче кое било донесено на Неврологија, но бројни студии покажуваат дека коронавирусот може да предизвика мозочен удар кај млади луѓе на 30 и 40 годишна возраст кои имале лесна клиничка слика на Ковид-19.

Во последно време се појавуваат се повеќе докази дека Ковид-19 може да предизвика згрутчување на крвта на необични начини, а една од последиците на тоа е мозочен удар.

Еден извештај од клиничкиот центар Маунт синај во Њујорк покажува седумкратно зголемување на случаите на ненадеен мозочен удар кај млади пациенти, кои немале претходни заболувања, а биле дома со лесна клиничка слика на Ковид-19.