Ковид 19 во комбинација со загаден воздух - сезона на опасно живеење во Скопје

Што е поопасно, корона или загаден воздух? Скопјани на мака. Секоја година една иста приказна. Загадување на воздух, од месец октомври, па се до март, април. Оваа година плус на товар ја имаат и короната. 

Градот оваа зима е буквално меѓу два огна, опасен и едниот и другиот. 

Скопје во континуитет се наоѓа меѓу најзагадените градови во светот, а од скопскиот општини најлош е воздухот во Карпош, Центар и Лисиче. Во главниот град едвај се дише. Граѓаните се жалат на лоша миризба и енормна загаденост, а не е ништо подобра ситуацијата и во останатите градови. Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци и Кочани, исто така се високо на листата на AirVisual на градови каде воздухот е опасен за чувствителни категории на граѓани. Пулмолозите предупредуваат дека аерозагадувањето не само што само по себе претставува голема опасност, туку и дополнително го олеснува патот на вирусите до белите дробови.

Мерките не се доволни за да се реши проблемот со загадувањето, реагираат невладините. Бараат да се забрани употребата на јаглен, а таму каде се согорува, не се мери загадувањето.Според екологистите, мерките се стихијни и не го решаваат проблемот, потребна е интерсекторска соработка и многу поголем буџет бидејќи ова е најсериозниот еколошки проблем во државата. Мора да се донесат и законски измени за забрана на горење фосилни горива.