Ковачевски: Земјата е безбедна, целосно сме подготвени за економските предизвици

 Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои никаква директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно и ќе ги информира граѓаните, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето до јавноста.

Тој говореше за последните случувања во Украина и евентуалните импликации врз безбедноста на Северна Македонија, но и врз останатите сфери на живеењето.

-Сведоци сме на немили настани кои сметавме дека се далеку зад нас, и кои верувавме дека никогаш нема да се повторат на нашето европско тло. Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе многу човечки животи е чин кој силно го осудуваме. Тоа е кршење на меѓународното право и е закана за евроатланската безбедност. Уште еднаш сакам да посочам дека заедно со сојузниците бараме итен прекин на воените дејствија. 21-иот век треба да е век на дијалог, не на војни, изјави премиерот.

Тој нагласи дека граѓаните треба да бидат спокопјни, бидејќи Северна Македонија, како членка на НАТО ја ужива и може да смета на заштитата, која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот.

-Иако нашата желба е да се избегнат ситуации како оваа, сепак, во вакви услови на голема безбедносна дестабилизација, сфаќаме колку е значајно, да сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Затоа, ве уверувам, нашата земја е безбедна, нагласи Ковачевски.

Премиерот посочи дека поголемите предизвици кои стојат пред нас се од економска природа. Додаде дека поради воените дејствија на Русија против Украина се продлабочува глобалната енергетска и економска криза и оти нѐ очекува неизвесна година, во која економијата во Европа и светот ќе претрпи штети.

-Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму, уверува премиерот. 

Тој додаде дека глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала. Појасни дека нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1 отсто од вкупните вредности.

-Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно. Сите мои секојдневни разговори со членовите на Владата се фокусирани на следењето на состојбите со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и во регионот. Посветено работиме на мерки за да го намалиме притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството, истакна Ковачевски.

Премиерот со порака до сите институции во државата, од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативни последици од кризата.

-Сега е време за одговорност без отстапка. Време е да докажеме дека можеме заеднички да делуваме за доброто на граѓаните. Оваа криза е голем предизвик, но ве уверувам дека можеме и ќе ја поминеме со заеднички напори. Сакам да потенцирам дека Владата посветено ќе работи на заштита на економијата, на вашиот животен стандард, а секој денар од буџетот ќе биде насочен полесно да го пребродиме овој бурен период од нашата заедничка историја, порача Ковачевски во своето обраќање до јавноста.