Костовски и Трајановски го најавија, Шилегов ќе го реализира: Дали трамвајот ќе го реши хаосот низ улиците?

Со години наназад транвајот се најавува како алтернативен јавен превоз низ градот. За време на мандатот на скопскиот градоначалник Трифун Костовски изградбата на трамвајска линија беше веќе готова работа.

Тогаш беше најавено дека првиот промотивен трамвај од Аеродром до Центар ќе тргне во мај 2009 година. Исто така трамвајска линија беше ветена и од градоначалникот Коце Трајановски , чија идеја беше на трасата на која ќе се движи трамвајот, да не соообраќаат автобуси. Според студијата требаше да има  22 транвајски композиции. Во првиот период требаше да има една линија од населбите Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

Метежот по скопските улици, проблемот со паркирањето но и рекордната загаденост предизвикуваат стрес и нервоза кај сите учесници во сообраќајот.

Пред извесен период градоначалник Петре Шилегов ги слушна предлозите на граѓаните како да се намали загадувањето во главниот град. Поранешни функционери, инженери, засегнати граѓани ги образложија студиозно своите идеи и предлози како да се намали загадувањето во главниот град.

Дел од препораките на 40 тината граѓани кои се одзваа на повикот од градоначалникот беа во Скопје конечно да се направи трамвај, да се обезбеди гас но и да запрат градежните активности. 

Трамвајот ќе минува низ строгиот центар на Скопје, а улицата „Димитрие Чуповски“ кај „Рекорд“ ќе биде затворена за возила. Првата линија ќе почнува во Ѓорче Петров, ќе се движи по „Партизанска“, ќе врти на булеварот „Климент Охридски“ и ќе излегува во централното градско подрачје. Покрај Собранието, Црвениот крст и „Веро центарот“ ќе се движи кон Аеродром и ќе завршува во Ново Лисиче, каде што е треба да се гради и депо.

Решавањето на јавниот превоз на патници со една трамвајска линија, за која градоначалникот вели дека ќе ги замени 40 отсто од автобуските линии, градските власти идната година ќе го работат паралелно со проектирање на северен сообраќаен прстен. Еден од најважните булевари кои треба да се почнат да се градат е „Хрватска“, кој од населбата Автокоманда, кај клучката „Дијамант“, ќе треба да ја заобиколува населбата Железара и да се спои со булеварот „Босна и Херцеговина“, кој во моментов се проширува. Тој е поврзан со булеварот „Словенија“, и ќе претставува брза врска на источниот и западниот крај на Скопје. Тоа, според Шилегов, ќе треба да обезбеди услови граѓаните и возачите да не го почувствуваат затворањето на центарот за возила.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека во моментов единствената дилема околу трасата на трамвајот е дали тој да се движи по средината на булеварите или, пак, по крајните десни линии. Проектот направен од експертите на „Загрепски електричен трамвај“ (ЗЕТ) ги предвидува и двете варијанти, а која ќе биде избрана ќе се знае до крајот на јануари. Опцијата трамвајот од зградата на Народната банка кон центарот да продолжи по кејот на Вардар е отфрлена, со образложение дека на влезот на плоштадот „Македонија“, кај зградата на „Телеком“, нема доволно место за изградба на пругата.

„Проектната документација ќе се заокружи во текот на идната година, а изградбата ќе започне истовремено од двете почетни позиции во Ново Лисиче и во Ѓорче Петров. Со оглед на тоа дека технологиите се многу напредни, сите производители нудат возила кои можат до два километри да се движат без електрична мрежа. Тоа за нас ќе значи сериозна заштеда во изградба на мрежата, но ќе значи и дека низ центарот на Скопје нема да висат кабли“, изјави Шилегов.

Изградбата на една трамвајска линија, заедно со депото, според првичните проценки би чинела меѓу 130 и 150 милиони евра. Обезбедувањето на финансиите ќе се бара преку европските фондови или од државниот буџет.

Првиот трамвај во Скопје

Знаете ли дека првиот трамвај во Виена се појавил во 1864 година, а Скопје имало трамвај во 1884 година? Тоа не е голем временски интервал, бидејќи Скопје многу брзо фатило чекор со Европа. Тоа се сознанија кои трамвајот во нашиот град временски го поместуваат многу поназад. Како се случило тоа вистинско чудо за скопјани, односно појавата на трамвајот?

За тоа придонел случајот, но и богатството што го поседувале браќата Шабан-паша, сопственици на една од првите мелници во Скопје. Нивните имиња се Беќир Емин, Реџеп Емин, Осман Емин, Сулејман Емин и, најстариот и најпознатиот од нив, Шабан-паша Емин. Едниот од браќата Сулејман Емин тешко се разболел, а браќата веднаш го однеле на лекување во Виена. Таму првпат виделе трамвај, многу им се допаднал, и веднаш решиле таков модел да донесат во Скопје. Трамвајот бил и спомен за нивниот болен брат, кој наскоро починал. Во Скопје настанале големи турканици за да се дојде до билет за трамвајот. Тој бил вистинска сензација. Сообраќал од Идадија и Дебар маало, кон центарот.

Тој не се разликувал од европските трамваи, бидејќи оттаму бил донесен. Најпрвин се движел на шпедитерски тркала, а подоцна на шини, влечен со коњска сила. Хроничарите на тоа време велат дека настанувале многу комични ситуации. Кога ќе се изморел, коњот легнувал среде патот за да се одмори. Патниците чекале, возачот на трамвајот пушел цигара и си правел муабет со минувачите. На светски познатите фотографии може да се види дека слични трамваи сообраќале и во Њујорк во 1893 година. Но наскоро Скопската општина станала љубоморна на браќата, и решила самата да воведе трамвај.

Општината никако не можела да се договори од каде ќе бидат купени шините, а еден службеник, кој за таа цел заминал за Истанбул, ги проневерил парите. Така, во Скопје официјално трамвајот постоел сè до 1912 година, а подоцна функционирале само некои негови делови, главно за превоз на службениците до каменоломот во Кисела Вода. Во 1903 година, во Виена веќе бил воведен електричен трамвај.