Костовски: Бутел ќе стане модерна општина, проблемите на граѓаните ќе се решат

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Бутел се темели врз основа на реални потреби.

Претходно е направена реална економска анализа во однос на тоа дали ќе биде остварлива програмата во наредните четири години, истакна на тв дебатата на МРТ, кандидатот за градоначалник за Општина Бутел од ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски.

-ВМРО-ДПМНЕ е позната по тоа дека секогаш тоа што ќе го вети го остварува и сметам дека околу тоа нема дилема ниту еден граѓанин. Програмата ветува модерна општина Бутел, меѓутоа апсолутно ветува и решавање на реалните проблеми кај граѓаните. Приоритет во однос на општината е таа да биде модерна, имаме неколку проекти кои ќе го сменат ликот на општината во самиот старт, истакна тој.

Костовски посочи дека предвидена е изградба на три ултра модерни паркови во општината, како и три градинки.

-Едниот е на влезот во Општина Бутел, кај поранешните отпади, кој ќе се простира на огромна површина. Вториот е во централниот дел на Бутел во населеното место Расадник и еден над населбата Радишани. Овој проект ќе биде добар и во смисла на екологијата. Предвидуваме и три нови градинки кои се основна потреба во Бутел бидејќи имаме зголемување на наталитетот. Предвидени се реконструкција на голем број улици „Скоевска“, „Амди Демир“, „Хо-Ши-Мин“, „Петар Манџуков“, „Бутелска“ и многу други. Предвидени се атмосферски канализации онаму каде се потребни, како и над 20 проекти за млади и проекти од областа на спортот, нагласи Костовски.