Костова: Родителско отсуство од 4 месеци и за таткото

Граѓанската активистка Кристина Костова го појаснува новиот предлог-закон кој „крена прашина“ во јавноста викендов, а се однесува на промените на породилното отсуство. 

-Во новиот предлог ЗРО има предлог за посебна заштита на работниците за време на бременост. Породилното отсуство ќе се дели на мајчинско, татковско и родителско отсуство. Татковското е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство е предвидено да трае 5 месеци.

Родителското отсуство е предвидено да трае по четири месеци за секој родител поединечно.

Тоа значи дека мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, односно останува на породилно отсуство со детето исто како и досега - 9 месеци.

Но, доколку овој предлог-закон е усвоен, се воведува и родителското отсуство од 4 месеци за таткото.

Доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителското отсуство на мајката, тоа значи дека породилното отсуство за двајцата родители ќе биде вкупно 13 месеци.

Придобивките се очигледни, не само поради зголемениот период за породилно отсуство, туку и поради поттикнување на директно вклучување на таткото во извршувањето на родителските и семејните обврски, појаснува таа во својата објава.