Се намалува возраста на лица со срцеви заболувања, неопходно е да се дејствува превентивно и врз работи на кои може да се влијае вели Јорго Костов од Македонското здружение по кардиологија на одбележувањето на Денот на срцето, одговарајќи на новинарски прашања.
„За жал, возраста се намалува. Тоа е фактички придонес од севкупниот начин на живот, темпото на живот. Покрај многуте други фактори, можеби еден од најголемите, исто така е и факторот стрес. Тоа е причината што многу млади луѓе се јавуваат со проблематики, симптоми. Во многу порана возраст од тоа што беше случај во претходните години. Секако дека тука е семејната оптовареност исто така, секој пациент е индивидуа сам за себе“, додаде
Притоа, тој посочи дека не може да се генерализира, да се каже, кај кој пациент би можело да се јави одредена симптоматологија, порано или подоцна.
„Меѓутоа, таму каде што има семејна оптовареност, луѓе што во семејството имаат близок со такви проблеми, сплет на состојби, дијагнози, болести, може да придонесат да се јави кардиоваскуларно заболување во порана возраст. Меѓутоа, за жал, факт е дека веќе има пациенти со акутна симптоматологија кои се 40, 35, некогаш и 30 години. Тоа не беше така пред дваесетина години. Од стресот не може да се избега, па ќе мора да се најде некој баланс во работите што може да се променат. Може да се променат исхраната, физичката активност, честотата на превентивни кардиолошки прегледи, да се прекине со пушењето, тоа е она што може да се направи. За да се превенира и да се намали ризикот што може да придонесе за здравствени проблеми,“ подвлече Костов.
Факт е, истакна тој, дека во последните години, свесноста на пациентите е многу подигната и пациентите сѐ порано и порано доаѓаат на преглед, или доаѓаат кога ќе се јават одредени симптоми.
Директорот на Клиниката за кардиологија, Беким Поцеста рече дека се тука да го одбележат Светскиот ден на срцето, чие мото оваа година е повик кон глобална акција, повик кон масовно потпишување на петиција за подобро срцево здравје, кое е фундамент на нашата благосостојба.
„Оваа година, повеќето од препораките за лекување на срцевите заболувања го овластуваат пациентот да учествува во грижата за своето здравје. Затоа сме ние тука заедно со нашите пациенти. Ќе сториме сѐ за да ја вратиме меѓусебната доверба на здравствениот кадар со пациентите на највисоко ниво. Ние кардиолозите, не ги гледаме пациентите како пасивни приматели на здравствени услуги, туку како активни учесници кои работат како партнери заедно со нас во интерес на зачувување и унапредување на здравјето на нацијата“, подвлече директорот.
Поцеста посочи дека срцето како мал, но, моќен орган, е центар на животот, неуморно работи без одмор и пауза.
„Наша должност е да водиме грижа за него со истата посветеност. А, тоа не бара многу. Бара – 150 минути умерена физичка активност неделно, водење грижа околу исхраната, регулирање на крвниот притисок, шеќерот и мастите во крвта, прекинување на употреба на никотин и ограничување на внесот на алкохол“, дециден беше директорот.