Корона вирусот „пламна“ во Геријатриската болница

Нови 10 пациенти со Ковид-19 се дијагностицирани во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, потврди министерот за здравство Венко Филипче.

„Тоа се асимптоматски случаи кои се откриени со тестирање и ќе бидат сместени во изолиран дел и за нив ќе се грижи кадар од болницата“, рече Филипче.

Директорката на болницата, Салија Љатиф Петрушовска изјави дека ситуацијата е под контрола, херметички е затворен одделот на третиот кат, а извршена е и вонредна дезинфекција.

„Заболените се во добра здравствена состојба и се без симптоми. Откриени се преку скрининг, кој го направи болницата. Со новите случаи, вкупно 17 пациенти се позитивни на Ковид-19, како и тројца вработени во болницата“, додаде д-р Салија Љатиф Петрушовска.