Корона вирусот може да стане дел од екосистемот и никогаш да не го искорениме, вели Апостолов

Ивица Апостолов кој е претседател на Здружение на медицински лаборанти - Клинички центар Скопје, а инаку е вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје, смета дека СЗО треба да почне да размислува да ја прекине меѓународната здравствена криза затоа што ковид вирусот можно е да стане дел од екосистемот. 

-Како што се одвива ситуацијата со т.н. ,,омикрон”, многу е веројатно Ковид-19 да премине од пандемска во ендемска форма и вирусот SARS-CoV-2 можно е никогаш да не го искорениме, а ова го темелам на основата што вирусите кои предизвикуваат пандемии лесно стануваат дел од екосистемот, вели Апостолов. 

Еве што предлага тој:

-Затоа мислам дека СЗО треба да почне да размислува во таа насока и да почнат со стратегија како да ја прекинат меѓународната здравствена криза, да ги отфрлат вакциналните сертификати и ригорозните забрани за прележаните, а невакцинираните, со тоа што воедно СЗО треба да направат темелна анализа каде и во кои земји има пониска стапка на инциденца, а тоа да го засноваат на фактите дали сегашниве вакцини се моќни или немоќни против новиот сој на вирусот и доколку вакцините само обезбедуваат полесни форми на инфективното заболување, тогаш СЗО нека обезбедат максимална имунизација онаму каде што има потреба.