Коридор 10: После 30 години автопатски се поврзуваат Салзбург и Солун

После 30 години откако е претставен паневропскиот сообраќаен Коридорот 10, оваа година конечно ќе биде целосно завршен.


 
Коридорот 10 со кој автопатски се поврзуваат Салзбург и Солун, договорен уште во 1997 година во Хелсинки ги гради последните километри. 

Последните две делници Демир Капија-Смоквица во Македонија и Грделица-Бујановац во Србија треба да бидат целосно завршени годинава.
 
Со тоа овој паневропски Коридор долг 2.300 километри кој се протега од Австрија до Грција ќе биде целосно завршен и изграден на ниво на автопат.

Коридорот 10 кој е додаден на европската патна мапа по завршувањето на војните во Југославија поминува низ поголемиот дел од поранешните југословенски држави (Словенија, Хрватска, Србија и Македонија). 

Главната траса на овој автопат во делот на земјите на поранешна Југославија во потполност одговара на некогашниот делумно реализиран автопат Братство-Единство.

Главната траса е Салзбург-Љубљана-Загреб-Белград-Ниш-Скопје-Велес-Солун.

Најголемиот дел од овој автопат, посебно во Хрватска, Словенија, Австрија, а и Грција беше изграден пред повеќе од десетина години, додека пак најмногу работа имаше на страната на Србија. 

Во Македонија единствено беа останати 28 километри на југот на земјата, односно од Демир Капија до Смоквица кои не беа на ниво на автопат.

По десет години правење на студии, тендери, пресметки, во 2012 година започна да се гради оваа последна делница од овој Коридор во Македонија во вкупна вредност од 210 милиони евра.

После пет години работа, за нешто повеќе од два месеци, осносно во мај, конечно изградбата на овој автопат во Македонија треба да биде целосно завршена. 

Со тоа Македонија ќе има целосно автопатско поврзување на југ со Грција и на север со Србија.

Во Србија се градат последните 34 километри

Откако минатата година беше пробиоен најдолгиот тунел во Србија во Манаље, останува да се изгради уште најтешката делница од овој автопат во Србија низ Грделичката клисура.

Според најавите од српските власти се очекува дека овие последни 34 километри од Коридорот 10 во Србија да бидат завршени до крајот на оваа година.