Универзитетскиот професор и претседател на партијата Македонски концепт, Петар Богојески, предизвика реакции по изјавите за жените, феминизмот и семејното насилство во телевизиска дебата на ТВ Алфа.

Еден од најспорните моменти беше разговорот за неверството и реакцијата на сопругот. Богојески постави прашање дали неверството на сопругата може да се смета за насилство врз сопругот, а потоа изјави:
„Тоа неговото не е насилство. Неговото е реакција на заштита на неговото достоинство“.
Богојески зборуваше и за влијанието на феминизмот, тврдејќи дека тој ги поттикнал жените да го отфрлат машкиот надзор. Го коментираше и однесувањето на жени на настан во „Europe House“ во Скопје, оценувајќи го како девијантно и поврзувајќи го со отсуството на машки надзор. „Еве ви доказ како се однесува жена без машки надзор“, посочи тој.
На прашањето на Котеска, кој треба да врши надзор врз неа, тој одговори дека тоа треба да биде нејзиниот сопруг, додавајќи дека тоа е негова „задача“ и „обврска“.
Што предвидува македонскиот закон?
Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, донесен во 2021 година, предвидува институционална заштита од различни форми на насилство, вклучително и физичко и психичко насилство.
Според дефинициите на Министерството за социјална политика, психичкото насилство опфаќа однесување со употреба на присилба, заплашување или закана, кое предизвикува страв, вознемиреност или повреда на достоинството и психичкиот интегритет на жртвата. Тоа значи дека насилството не се сведува само на физички напад. Контролата, заплашувањето и заканите исто така можат да бидат дел од насилничко однесување.
Македонското законодавство во оваа област е поврзано и со меѓународните обврски на државата. Северна Македонија во 2018 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција на Советот на Европа, односно Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Таа стапи во сила во земјава на 1 јули 2018 година.
Конвенцијата ги обврзува државите да преземаат мерки за спречување на насилството, заштита на жртвите и гонење на сторителите. Таа ги препознава физичкото, сексуалното, психичкото и економското насилство, вклучително и насилството меѓу сегашни и поранешни сопружници и партнери. Дополнителна меѓународна рамка е Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW). Нејзините одредби ја третираат родово базираната дискриминација и насилството врз жените како прашања поврзани со човековите права и еднаквоста.
Универзитетски професор и политички лидер
Богојески е доцент на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, каде што има академски ангажман во областа на економијата и бизнисот. Тој е и претседател на политичката партија Македонски концепт.