„Конти“ пропадна, се појави „Грок“- нова пирамидална шема

Не требаше да помине долго време, а веќе се појави нова пирамидална шема наречена „Грок“. Се е исто како и претходната „Конти“ која однесе преку 10 милиони евра пари на македонските граѓани. На социјалната мрежа веќе се собрани 1000 корисници кои се спремни да вложат пари иако го знаат ризикот дека истите ќе ги изгубат.

Порталот „Мета“ пишува дека извесен Мартин Стојанов од Радовиш е претходен администратор и на претходната „Конти“ но и на новата „Грок“ апликација. Шемата воопшто не се разликува од претходно. Се инсталира апликација, се кликаат лајкови на филмови, се вложуваат пари, а има и различни пакети. Но, заработката не доаѓа од „кликовите“, туку од привлекувањето нови и нови луѓе. Колку си погоре во пирамидата, толку е поголема веројатноста за заработка.

Стојанов за Мета.мк вели дека не чувствува никаква одговорност поради тоа што голем број луѓе веќе изгубија илјадници евра преку платформата „Конти“ за брза заработка.

„Јас ги предупредив луѓето дека Конти ќе паѓа, од 14.000 луѓе, само 2.000 ме послушаа. Тие сега чекаат нова шанса од мене“, вели Стојанов, додавајќи дека „сè е на нивни ризик, бидејќи утре може да падне и новата апликација“.

На прашањето како знаел дека ќе падне „Конти“, Стојанов одговара дека уште пред 10 години е влезен во овие пирамидални шеми и е целосно запознаен со тоа како функционираат. За „Конти“ дознал преку Словенија, од неговата бивша девојка, која во декември 2023 година „влегла“ во апликацијата. Над неа имало една претпоставена, а главен менаџер била извесна Ангела, за која никој не знае која е.

„Никогаш ниту ја видовме, ниту пак ја чувме во разговор во живо. Таа комуницираше со нас само преку Телеграм. Не знаеме буквално ништо за неа, ниту од каде доаѓа“, вели Стојанов.

Со оглед на тоа дека тој, заедно со уште едно лице од Кавадарци, Александар Димков, први влегуваат во шемата, „Конти“ прво почнува да се шири низ Радовиш и Кавадарци, а потоа и во Велес. На сметката на Бајненс (Binance – платформа за тргување со крипто валути), како што објаснува Стојанов, му легнувале по 2 илјади долари неделно, како плата, а во меѓувреме, пирамидалната шема расте и достигнува 14.000 членови.

„Дури и полицијата од Радовиш беше влезена во Конти“, вели Стојанов.

Како „бизнисот“ цвета, така и главните администратори добиваат повеќе и повеќе пари, но и привилегии. Александар Димков го отвора првиот инфо центар на Конти во Кавадарци со паричен влог од 10.000 евра, а во август годинава, Стојанов го отвора инфо центарот во Радовиш со паричен влог од 5.000 евра.

На нашето прашање дали се плаши дека за сето ова може некогаш да одговара, тој самоуверено одговара:

„Мене луѓето сами ме бараат. Еве чекам некој да дојде во МВР да пријави, но никој не пријавува. Луѓето доаѓаат кај мене, не одам јас кај луѓето, тие сами си прашуваат и влегуваат во ова. Важно е кога ќе инвестираш, колку да инвестираш и да знаеш кога да се повлечеш“, вели тој.

Стојанов вели оти не знае колку ќе трае новата пирамидална шема и дали и таа набргу може да се сруши со сите вложени пари на луѓето.

„Не знам, сега моментално истражувам, прегледувам илјадници сметки“, вели Стојанов.