Конгрес на локални и регионални власти на СЕ: Во Северна Македонија има видлива политичка определба за децентрализација

Во Северна Македонија постои јасно видлива политичка определба за спроведување на децентрализацијата, но потребно е дополнително разјаснување на законодавството и понатамошно унапредување на реформите во сферата на локалната самоуправа, се наведува во Препораката за земјава што денеска едногласно ја усвои Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, коизвестителите за земјава, Харалд Бергман од Холандија и Зденек Броз од Чешка го поздравија фактот што Владата „стави силен акцент на процесот на децентрализација“, што е потврдено и со усвојувањето на новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2021-2026 година.

Броз во обраќањето на денешното заседание на Конгресот истакна дека од претходната Препорака за земјава, усвоена во 2012 година, потпишан е и ратификуван Дополнителниот протокол на Европската повелба за локална самоуправа.

Бергман, пак, нагласи дека и покрај забележаниот напредок, има постојан недостиг на јасност и во законодавството и во практиката во однос на распределбата на надлежностите, што доведува до нивно преклопување. Според него, на локалните власти им се потребни соодветни финансиски средства за извршување на нивните задачи, бидејќи општините продолжуваат во голема мера да се потпираат на државните трансфери.

Коизвестувачите, исто така, заклучија дека генерално „обврските за интегритет сè уште не се соодветно почитувани при локалните назначувања“.

Заменик министерот за локална самоуправа  Зоран Димитровски во своето видео обраќање на собирот се осврна на новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација за 2021-2026 година, а по усвојувањето на Препораката одговараше и на прашања на членовите на Конгресот.

Во дебатата по Извештајот младинската делегатка од Северна Македонија во Конгресот, Моника Саздова, нагласи дека таа како обичен граѓанин забележала напредок во процесот на децентрализацијата во земјава. Но, таа, исто како и нејзината колешка Балта Ламија од Босна и Херцеговина, која говореше во име на сите младински делегати на Конгресот, особено ја нагласи потребата да им се даде перспектива на младите да останат во земјата и „да не ја бараат среќата во странство“. Според нив, при вработувањето треба да се земат предвид квалификациите на младите, а не непотизмот и политичките заслуги.

Во Препораката, Конгресот ги повикува властите во земјата да се справат со постоечките проблеми и да им дадат повеќе одговорности на локалните заедници. За ова е потребно соодветно финансирање, па затоа се повикува Владата да работи на зголемување ресурсите на општините во локалните буџети.

Националните власти, исто така, се охрабруваат да ја прошират употребата на дигиталната технологија, дополнително да ги консолидираат антикорупциските мерки и да имплементираат програми за зајакнување на капацитетите на локално ниво.