Конечно: Владата ќе објави јавен повик за набавка на зaштитни мacки

Владата денеска усвои и Уредба со законска сила за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (covid-19) за време на вонредна состојба, според која, Законот за јавните набавки (“Сл.Весник на РМ бр.24/19) ќе се применува за време на постоење на вонредната состојба.

Со оваа Уредба (Член 2) со законска сила се уредува прашањето за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од КОРОНА ВИРУСОТ (COVID-19) за време на вонредна состојба во Северна Македонија.

Во Член 3 се вели дека:

(1) Владата ќе спроведе интервентна набавка на минимум 2. 000 заштитни маски дневно за потребите на Македонија од домашни производители.

(2) Интервентна набавка на заштитни маски може да биде со материјал погоден за производство на заштитни маски на економскиот оператор или со материјал погоден за производство на заштитни маски обезбеден од Владата.

(3) Предмет на набавката ќе биде производство, пакување и дистрибуција до институции кои имаат потреба од заштитни маски.

(4) Економските оператори треба да ги исполнуваат следните услови и тоа:

– Испорака на минимум 2000 маски дневно;

– Испораката ќе се врши за период на траење на вонредната состојба;

– Единечна цена по маска 40 денари плус ДДВ со материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;

– Единечна цена по маска од 25 денари плус ДДВ за материјал обезбеден од страна на Владата;

– Материјалот обезбеден од страна на Владата ќе биде доделен на еден економски оператор кој ги исполнува условите, а доколку се јават повеќе економски оператори кои ги исполнуваат условите ќе се спроведува јавно наддавање, а договор ќе се склучи со економски оператор кој ќе понуди најниска единечна цена;

– За материјалот од кои ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се поседува соодветен Сертификат за квалитет издаден од страна на овластена лабораторија.